Претстојниот iOS 26.5 воведува шифрирање од крај до крај на комуникацијата преку RCS пораки во апликацијата Messages, со што комуникацијата помеѓу iPhone и Android уредите станува побезбедна.
Apple официјално потврди дека ажурирањето iOS 26.5 ќе донесе значително унапредување за апликацијата Messages, кое пред сè се однесува на безбедноста на RCS комуникацијата. Новата верзија на системот воведува „end-to-end“ енкрипција за RCS пораки, со што дополнително се зголемува нивото на приватност во комуникацијата помеѓу iPhone и Android уредите.
RCS стандардот веќе претставува најнапреден начин на комуникација помеѓу iPhone и Android телефоните, бидејќи овозможува функции како потврди за прием на порака, индикатор за пишување и испраќање мултимедијални содржини со висок квалитет. Сепак, досега недостасуваше клучниот елемент – целосна енкрипција на пораките.
Комуникацијата преку RCS пораки станува побезбедна со iOS 26.5
Со iOS 26.5, Apple воведува енкрипција од крај до крај на комуникацијата преку RCS пораки во рамки на апликацијата Messages, што значи дека содржината на комуникацијата може да ја видат исклучиво испраќачот и примачот. Оваа функција ќе биде достапна кај одредени оператори и ќе се имплементира постепено, како што инфраструктурата ќе биде подготвена.

Важно е да се напомене дека оваа опција сè уште е означена како бета, иако ќе биде дел од финалната верзија на системот. Apple веќе ја тестираше оваа функционалност во претходните бета изданија на iOS 26.4 и iOS 26.5, но дури сега е потврдено дека ќе остане во официјалното издание.
Со воведувањето на енкрипцијата, RCS комуникацијата дополнително се приближува до безбедносниот модел на iMessage сервисот, кој веќе со години е стандард кога станува збор за приватност во рамки на Apple екосистемот. Ова е особено значајно за корисниците кои често комуницираат со Android уреди, каде досега постоеше јасна разлика во безбедноста на пораките.
Apple сè уште нема објавено листа на оператори кои ќе ја поддржуваат оваа функција, но се очекува таа да биде достапна пред или набргу по официјалното лансирање на верзијата iOS 26.5.
Овој потег претставува важен чекор кон стандардизација на безбедноста во мобилната комуникација, бидејќи за првпат овозможува и комуникацијата помеѓу различни платформи да добие ниво на заштита кое претходно беше резервирано само за затворени системи

