Samsung Display ја претстави новата генерација OLED панели, која најавува голем технолошки скок за идните телефони и автомобили.
Samsung Display ја претстави новата генерација OLED екрани за време на настанот SID Display Week 2026 во Лос Анџелес, а најголемо внимание привлече панелот кој директно преку екранот може да ги „види“ и прочита здравствените податоци на корисникот.
Новата технологија наречена Sensor OLED Display комбинира OLED екран со висока густина од 500 пиксели по инч со вградени биометриски сензори кои можат да мерат пулс и крвен притисок без дополнителен хардвер.

Samsung екранот директно мери пулс и крвен притисок
Samsung наведува дека системот функционира така што екранот емитува светлина и го анализира протокот на крв низ кожата на корисникот. На овој начин, екранот практично станува здравствен сензор интегриран во самата површина на телефонот.
Покрај тоа, новиот панел користи и унапредена заштита на приватноста која претходно дебитираше на моделот Samsung Galaxy S26 Ultra. Технологијата ја ограничува видливоста на содржината за сите освен за лицето кое директно гледа во екранот.
Samsung го прикажа и новиот Flex Chroma Pixel OLED панел кој достигнува осветленост од 3000 нити и покрива дури 96% од BT.2020 колор просторот, што претставува огромно подобрување во приказот на бои во однос на повеќето денешни телефони, кои најчесто се движат околу 70%.

Посебно внимание привлече и концептот Stretchable Display 2.0 – растеглив екран наменет за автомобили. Samsung планира ваквите екрани да ги користи во командните табли на возилата, каде екранот би можел физички да ја менува својата големина и форма во зависност од ситуацијата при возење.
Новата генерација на растеглив панел сега достигнува густина од 200 пиксели по инч, што е значителен напредок во однос на претходната верзија со 120 PPI резолуција.
Покрај OLED технологиите, Samsung развива и нова EL-QD генерација на Quantum Dot екрани која не користи класични OLED методи на работа. Компанијата тврди дека новите екрани имаат подобра енергетска ефикасност, поголема осветленост и попрецизен приказ на бои.
Засега не е познато кога овие технологии ќе влезат во комерцијална употреба, но Samsung јасно го покажува правецот во кој ќе се развиваат идните телефони, автомобили и паметни екрани во наредните години.
