NASA објави уште 12.000 фотографии од историскиот лет околу темната страна на Месечината
Меѓународната всњленска агенција NASA објави повеќе од 12.000 нови фотографии што четиричлениот екипаж на леталото Orion ги снимил за време на историската мисија Artemis II при обиколката на темната страна на Месечината.
Фотографиите се направени за време на десетдневната мисија во април, кога екипажот на Artemis II изврши рекордна обиколка на Месечината и враќање кон Земјата. Новите фотографии сега се достапни преку јавната архива на НАСА со фотографии направени од астронаути.
Фотографиите ги снимиле астронаутите на NASA – Рид Вајзман, Кристина Кох, Виктор Гловер и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен – од внатрешноста на капсулата Orion.

Екипажот на Artemis II донесе уникатни призори од Месечината и Земјата
Новата колекција го прикажува целото патување: од првите моменти во орбитата на Земјата, па сè до минувањето зад Месечината и враќањето на Земјата. Меѓу најинтересните фотографии се наоѓаат призори од темната страна на Месечината за време на затемнување на Сонцето, како и кадри во кои Земјата исчезнува зад лунарниот хоризонт.
NASA наведува дека одредени фотографии од внатрешноста на капсулата Orion станале исклучително популарни на интернет бидејќи јасно покажуваат дека екипажот се наоѓал во екстремни и ретко видени услови за време на летот.
Голем дел од новите фотографии се фокусирани токму на погледот од капсулата низ прозорците на леталото, нудејќи перспектива што низ историјата на човештвото ја виделе многу малку луѓе.
Мисијата Artemis II претставува една од најважните етапи во современото американско враќање на Месечината и клучна подготовка за идното слетување на астронаути на површината на Месечината во рамки на програмата Artemis.
Објавувањето на комплетната архива од повеќе од 12.000 фотографии дополнително покажува колку НАСА е фокусирана на доближување на вселенските мисии до пошироката јавност и документирање на секој детал од историскиот лет.
Artemis II воедно претставува и прв лет со човечки екипаж околу Месечината уште од програмата Apollo и една од најголемите вселенски мисии во последните децении.
