Спроведувањето на правилата за високоризични системи ќе биде одложено до 2 декември 2027 година, а машините ќе бидат изземени од законот, бидејќи веќе подлежат на секторски регулативи.
Земјите-членки на Европската Унија и пратениците во Европскиот парламент се согласија за ублажени клучни правила за вештачката интелигенција, вклучително и одложување на нивната примена. Привремениот договор, кој во наредните месеци треба формално да биде потврден од владите на Унијата и Европскиот парламент, беше постигнат по деветчасовни преговори.
„Договорот за Законот за вештачка интелигенција значително ги поддржува нашите компании преку намалување на тековните административни трошоци“, изјави Марилена Раоуна, заменик-министерка за европски прашања на Кипар. Кипар моментално претседава со Советот на Европската Унија.

Измените на Законот за вештачка интелигенција, кој стапи во сила во август 2024 година, се дел од напорите на Европската комисија за поедноставување на низа нови дигитални регулативи. До ова дојде откако компаниите се пожалија на преклопувачки прописи и бирократија, што ги попречува во натпреварот со американските и азиските конкуренти.
Примената на правилата за високоризични AI системи, како што се оние што вклучуваат биометрија или се поврзани со критична инфраструктура, ќе биде одложена до 2 декември 2027 година. Претходниот рок беше 2 август оваа година. Од Законот за вештачка интелигенција ќе бидат изземени машините, бидејќи веќе подлежат на секторски правила.
Исто така, постигнат е договор за забрана на AI практики кои создаваат неовластени сексуално експлицитни слики и deepfake содржини, како оние што ги генерира AI chatbot-от Grok на xAI. Забраната ќе стапи на сила на 2 декември, кога ќе стане задолжително и означувањето со воден жиг на содржините генерирани со вештачка интелигенција.


