Во пресрет на петтото јубилејно издание на EqualXChange 2026, раководителката на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) зборува за новите предизвици на лидерството, важноста на wellbeing културата и зошто темата „Money. Mind. Influence.“ е особено релевантна за современиот бизнис.
Разговараше: НИКОЛА БУРАГЕВ
На 19 мај во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје ќе се одржи петтото јубилејно издание на конференцијата EqualXChange 2026, во организација на Алијансата за родова еднаквост на работното место. Годинава конференцијата ќе ги обедини лидерите од бизнис-заедницата околу темата „Money. Mind. Influence.“ – три сегменти што сè повеќе го дефинираат успехот на компаниите и организациите.
Во интервју за конференцијата, Марија Ристовска, раководителка на GEA, зборува за еволуцијата на EqualXChange од платформа за родова еднаквост во релевантен бизнис-настан, за предизвиците со кои се соочуваат лидерите денес, но и за потребата компаниите да вложуваат во ментална издржливост, организациска култура и одржлив раст.

Петтото издание на EqualXChange носи тема „Money. Mind. Influence.“. Зошто токму овие три сегменти се клучни за современите лидери и компании?
Бидејќи во денешно време успехот на една компанија повеќе не се мери само преку финансиски резултати. Современите лидери треба истовремено да носат паметни финансиски одлуки, да градат тимови и да имаат влијание врз луѓето, организациите и општеството. Токму затоа оваа година ги избравме трите сегменти – Money. Mind. Influence. „Money“ го отвора прашањето за финансиска писменост, инвестирање, носење одлуки во неизвесни пазари и долгорочна стабилност. „Mind“ се однесува на менталната издржливост, burnout, продуктивноста и создавањето здрави работни средини. А „Influence“ зборува за лидерство, комуникација, преговарање и влијанието што лидерите го имаат врз тимовите и културата во компаниите. Веруваме дека токму пресекот на овие три сегменти го дефинира новиот тип на лидерство што денес е потребно.

EqualXChange низ годините изгради силна бизнис-заедница. Како конференцијата еволуираше од своето прво издание до денес?
Кога започнавме, идејата беше да создадеме простор каде отворено ќе се разговара за родовата еднаквост и реалните предизвици на работното место. Првото издание се одржа во Вила Водно, под покровителство на г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, и тогаш имавме околу 60 учесници. Но со текот на годините, природно се проширија и темите што ги отвораме.
Од иницијалниот фокус на родовата еднаквост на работното место, почнавме да зборуваме и за еднаква размена на идеи, знаења и искуства, за домашно претприемништво, пристап до финансии, инвестирање, осигурителни и пензиски фондови, лидерство и организациска култура. Токму затоа и конференцијата еволуираше во EqualXChange — платформа за размена на перспективи, искуства и идеи што го движат современиот бизнис.
Денес EqualXChange е многу повеќе од конференција. Таа прерасна во платформа што обединува лидери, компании, институции и професионалци околу теми што директно влијаат на иднината на работењето и развојот на бизнис-заедницата. Од година во година растеше и интересот од приватниот сектор, а со тоа и квалитетот на дискусиите, говорниците и партнерствата. Денес конференцијата собира над 200 високо профилирани учесници — C-level лидери, менаџери, претприемачи и носители на одлуки — што покажува дека темите за лидерство, еднаквост, организациска култура и одржлив раст повеќе не се маргинални, туку суштински дел од модерното работење.
Реализацијата на конференцијата е поддржана од партнери и организации кои активно придонесуваат кон развој на современо и инклузивно бизнис опкружување, меѓу кои се PrimeClass.mk како златен партнер, EOS Matrix Македонија и проектот “Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија”, финансиран од Европската Унија и спроведен од Меѓународната организација на трудот (МОТ) како track партнери, Cosmo Tinex како сребрен партнер и Delight Office Solution како бронзен партнер.

Денес сè повеќе се зборува за ментална издржливост и wellbeing на работното место. Колку компаниите во регионот навистина ја препознаваат оваа тема како дел од бизнис-успехот?
Долго време wellbeing-от се гледаше како „додадена вредност“, а не како реална бизнис-потреба. Но денес, кога се соочуваме со burnout, недостаток на кадар, пад на мотивација и зголемен притисок врз тимовите, станува јасно дека градењето здрава организациска култура и вложувањето во wellbeing-от на вработените директно влијаат врз продуктивноста, задржувањето на талентите и долгорочните резултати.
Мислам дека компаниите во регионот сè повеќе ја препознаваат важноста на оваа тема и веќе не ја гледаат само како HR иницијатива, туку како фактор што директно влијае врз перформансот и стабилноста на организацијата. Сепак, реално сè уште сме во фаза каде што многу компании учат како вистински да ја интегрираат оваа тема во својата организациска култура и секојдневно работење.
Кои се најголемите предизвици со кои денес се соочуваат лидерите кога станува збор за носење финансиски одлуки и управување со тимови?
Најголемиот предизвик е што лидерите денес мора да носат брзи одлуки во услови на постојана неизвесност – економски промени, технолошки трансформации, AI, промени во навиките на потрошувачите и очекувањата на вработените.
Од една страна постои притисок за раст и финансиски резултати, а од друга страна потребата да се задржат мотивирани и стабилни тимови. Денешното лидерство бара многу повеќе од оперативен менаџмент – бара емпатија, адаптибилност, јасна комуникација и способност да се изгради доверба.
Лидерите повеќе не можат да се потпираат само на авторитет. Денес влијанието се гради преку кредибилитет, транспарентност, градење однос и релации со тимот и начинот на кој ги водите луѓето низ промени.

Што можат да очекуваат учесниците од овогодинешната програма и по што EqualXChange 2026 ќе се разликува од претходните изданија?
Оваа година програмата е многу пофокусирана на реални бизнис-предизвици и практични искуства. Наместо класични мотивациски приказни, учесниците ќе слушнат конкретни перспективи од лидери и експерти кои секојдневно носат одлуки, управуваат со раст, тимови и промени.
Ќе отвориме теми како инвестирање и финансиска стабилност, burnout и сон, психолошка безбедност, лидерство, влијание, продажба, организациска култура и иднината на работата. Дел од говорниците ги вклучуваат Коста Петров, основач и директор на P World, д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на EOS Matrix Македонија и Косово, Бобан Милошевски, основач на Авалон продукција, Нина Ангеловска Станков, претседателка на GEA и Асоцијацијата за е-трговија, Трајче Николов од Пивара Скопје, Сања Ѓорѓева, сертифициран експерт за спиење и основач на Dr. Goodnight, д-р Весна Чадо, основач и управител на PLX Academy, Марина Анчевска, акредитиран системски мастер коуч и НЛП мастер тренер, Иван Ивановски основач на PrimeClass.mk и PrimeCapital, како и Франка Граждани, ко-основачка на Етериум Македонија – и многу други.
Дополнително, ова е и нашето 5-то јубилејно издание, па вложивме многу и во самото искуство – од програмата и networking-от, до expo сегментот и можностите за директно поврзување меѓу компаниите и учесниците.

Која е вашата порака до професионалците, менаџерите и претприемачите кои сè уште размислуваат дали да бидат дел од EqualXChange 2026?
Мислам дека денес највредната работа не се само информациите, туку луѓето, разговорите и перспективите на кои сте изложени.
EqualXChange е конференција каде што се среќаваат луѓе што носат одлуки, создаваат компании, водат тимови и секојдневно се соочуваат со реални бизнис-предизвици.
Верувам дека токму networking-от и размената на искуства се една од најголемите вредности на ваквите настани. Често токму неформалните разговори, новите контакти и споделените искуства отвораат нови соработки, идеи и перспективи што подоцна прераснуваат во конкретни можности.
Доколку сакате да слушнете конкретни искуства, да запознаете квалитетни луѓе од бизнис-заедницата и да бидете дел од разговори што стануваат сè поважни за иднината на работењето, лидерството и организациската култура, тогаш верувам дека EqualXChange е вистинското место за вас. Картите се достапни уште неколку дена на официјалната веб страница на конференцијата: equalxchange.mk .
