Од Microsoft тврдат дека одредени делови од системот би можеле да бидат и до 70 проценти побрзи, но дел од корисниците не се задоволни од поагресивното користење на процесорот.
Windows 11 наскоро би можел да стане значително побрз благодарение на новата функција Low Latency Profile, која е осмислена за да го забрза стартувањето на апликациите и да ја подобри реактивноста на одредени елементи од системот.
Станува збор за режим на работа кој привремено ја зголемува фреквенцијата на процесорот за системот побрзо да реагира на корисничките активности, како отворање менија, апликации и различни скокачки прозорци. Сличен пристап веќе со години користат macOS и Linux, каде процесорот динамички се прилагодува за да им даде приоритет на интерактивните задачи.

Како што наведува Windows Central, апликациите на Microsoft би можеле да се стартуваат и до 40 проценти побрзо, додека Start менито и контекстните менија би можеле да реагираат дури до 70 проценти побрзо отколку досега.
Иако првичните реакции од тестерите главно се позитивни, дел од корисниците го критикуваат Microsoft поради користењето краткотрајни „CPU burst“ оптоварувања за забрзување на системот. На критиките реагираше Скот Ханселман, потпретседател на техничкиот оддел за CoreAI, GitHub и Windows, кој на X порача дека „вашиот мобилен телефон веќе го прави тоа“ и дека Microsoft користи стандардна практика каква што применуваат и системите на Apple.
