Нема потреба од купување нов iPhone модел – iOS 27 значително ја унапредува Camera апликацијата
Компанијата Apple наводно подготвува една од најголемите промени на интерфејсот за работа со вградениот систем на камери кај iPhone досега, со доаѓањето на iOS 27, а најголемата новина ќе биде значително поголемата слобода за прилагодување во самата Camera апликација.
Според најновите информации, Apple сака целосно да го модернизира начинот на користење на камерата на iPhone уредите. Наместо сегашниот прилично ригиден интерфејс, корисниците ќе можат сами да избираат кои контроли сакаат да ги гледаат, каде ќе бидат поставени и како ќе изгледа распоредот на функциите во рамки на апликацијата.
Тоа практично значи дека поставките како Flash опцијата, експозицијата, тајмерот, резолуцијата, Night Mode режимот и другите функции ќе можат многу пофлексибилно да се организираат според личните навики на корисниците.

Apple конечно ја отвора камерата за посериозни прилагодувања
Apple наводно нема да го менува стандардниот изглед на Camera апликацијата за просечните корисници, но истовремено ќе понуди и понапреден режим на работа наменет за оние кои сакаат поголема контрола при фотографирање и снимање видео.
Особено интересно звучи информацијата дека секој режим на камерата ќе има сопствен распоред на контроли и widget додатоци, па корисниците ќе можат посебно да го прилагодуваат интерфејсот за Photo, Video или другите режими на работа.
Покрај тоа, Apple подготвува и дополнителни рачни опции за прилагодување, како: попрецизна контрола на експозицијата, подесување на длабочината на полето, нови мрежи за кадрирање и унапреден хоризонтален индикатор.

Компанијата наводно го менува и распоредот на одредени копчиња за дел од важните функции да бидат поблиску до shutter копчето, со цел полесно користење со една рака.
Голема улога ќе имаат и AI функциите поврзани со Apple Intelligence системот. Новата камера би требало директно да поддржува Visual Intelligence опции како препознавање објекти, растенија или моментален превод на текст преку камерата на телефонот.
Сепак, сè уште не е познато дали сите функции ќе бидат достапни на сите iPhone модели, бидејќи се очекува дел од AI можностите да останат резервирани само за поновите уреди, како iPhone 15 Pro серијата и идните модели.
Сите новитети Apple би требало официјално да ги претстави за време на WWDC 2026 конференцијата, која ќе се одржи на почетокот на јуни
