Sony претстави нови флегшип слушалки инспирирани од оригиналниот модел Sony MDR-1000X од 2016 година, со цена од 629 евра.
Sony ги претстави новите безжични слушалки под името Sony 1000X The ColleXion, кои воедно претставуваат специјална јубилејна верзија на популарната серија Sony WH-1000X, која годинава одбележува 10 години од излегувањето на првиот модел MDR-1000X.
Имено, новиот модел доаѓа како премиум верзија на актуелните Sony WH-1000XM6 слушалки, но со неколку дизајнерски и хардверски надградби. За почеток, важно е да се истакне дека Sony кај овие слушалки користи синтетичка кожа за куќиштето на школките, со што се дава своевиден омаж на оригиналниот MDR-1000X модел, а истовремено се зголемени и перничињата за уши, како и лентата за глава.

Слушалките користат нови „soft-edge“ 30-милиметарски звучнички единици за кои Sony тврди дека обезбедуваат подобар бас и поефикасно поништување на бучавата. Покрај постојниот QN3 Noise Canceling Processor, The ColleXion добива и нов интегриран V3 процесор, кој треба дополнително да ги унапреди перформансите на активното поништување на бучавата (ANC) и обработката на звукот.
Голем акцент е ставен и на просторниот звук. The ColleXion поддржува 360 Upmix профили за музика, филмови и гејминг, додека DSEE Ultimate технологијата со помош на вештачка интелигенција ги реконструира изгубените фреквенции во компресираните аудио записи. Sony наведува и дека слушалките се дополнително подесувани во соработка со инженери од студијата Battery Studios, Sterling Sound и Coast Mastering.

Од останатите карактеристики, вреди да се истакне дека новите слушалки користат вкупно 12 микрофони за адаптивен ANC и поквалитетно снимање на глас при повици, а автономијата на батеријата изнесува до 24 часа со вклучен ANC, односно до 32 часа без него.
Слушалките Sony 1000X The ColleXion ќе бидат достапни во црна и бела боја, со цена од 629 евра, што е околу 180 евра повеќе од почетната цена на моделот WH-1000XM6.

