Android 17 ќе донесе нова функција наречена „Continue On“, која им овозможува на корисниците да продолжат со работа на различни уреди.
Google на својата конференција Google I/O 2026 објави бројни новитети, а еден од нив е токму „Continue On“ – функција во Android 17 која програмерите можат да ја имплементираат за да им овозможат на корисниците континуитет во работата помеѓу различни уреди.
Како што објаснува Google, „Continue On им овозможува на корисниците да стартуваат Android апликација на еден уред, а потоа да преминат на друг уред во рамки на својот Android екосистем и да продолжат со работа таму каде што застанале“.

Поедноставно кажано, ако работите на документ во апликацијата Google Docs на Android телефон, со „Continue On“ истиот документ можете да го продолжите на Android таблет, под услов двата уреди да се поврзани со ист профил. Предлогот за продолжување на работата ќе се појави во таск-лентата на таблетот.
„Continue On“ функционира двонасочно, што значи дека секој поддржан Android уред може и да испраќа и да прима активности и задачи од апликации. Сепак, во почетокот поддршката ќе биде ограничена само на премин од мобилен телефон на таблет.
Функцијата поддржува два типа на пренос на работа: „app-to-app handoff“ и „web handoff“.

„App-to-app handoff“ овозможува да продолжите со користење на апликацијата на таблетот точно таму каде што сте застанале на телефонот. Примерот со Google Docs спаѓа токму во овој тип на пренос.
Кај „web handoff“, вашата активност и податоци од апликацијата на телефонот продолжуваат во стандардниот веб-прелистувач на таблетот, наместо во самата апликација. На пример, ако пишувате е-пошта во апликацијата Gmailна телефон, со „web handoff“ можете да продолжите на таблет преку веб-прелистувач.
„Continue On“ има и резервен систем за случаи кога е посакуван „app-to-app handoff“, но апликацијата не е инсталирана на уредот што го прима задачата. Во таква ситуација, задачата може да се отвори во веб-прелистувач за да се обезбеди непречен континуитет во работата.
Функцијата „Continue On“ ќе биде достапна со „release candidate“ верзијата на Android 17.

