NASA објави детали за роботски лендери, дронови што се движат со скокови и возила што планира да ги испрати на Месечината во рамки на американските планови за изградба на лунарна база.
Меѓу компаниите избрани за развој на овие системи се наоѓа и вселенската компанија Blue Origin, чиј основач е Џеф Безос.
Соединетите Американски Држави (САД) сакаат да ги вратат Американците на Месечината пред истекот на мандатот на претседателот Доналд Трамп во 2029 година. Меѓутоа, NASA во исто време се натпреварува со Кина во враќањето на луѓе на површината на Месечината, поради што вселенската агенција е под притисок да покаже дека ја предводи новата вселенска трка.
Кина забрзано ги спроведува своите планови да испрати луѓе на Месечината до 2030 година. Во понеделник, 25 мај, ја лансираше вселенската летала Shenzhou-23 и испрати нова екипа астронаути на својата вселенска станица Tiangong.
NASA во март најави програма вредна 20 милијарди долари за изградба на постојана база на јужниот пол на Месечината, која до 2032 година треба да користи нуклеарна и соларна енергија.
Администраторот на NASA, Џаред Ајзакман, вчера изјави дека овие одлуки значат дека САД „никогаш повеќе нема да се откажат од Месечината“. Таква база би им овозможила на САД спроведување научни експерименти, потенцијална експлоатација на вредни ресурси и полесни идни мисии кон Марс.

Сепак, поголемиот дел од експертите сметаат дека временската рамка на NASA е премногу амбициозна.
И покрај успехот на мисијата Artemis II, во која во април четири астронаути ја обиколија Месечината, дел од научниците веруваат дека Кина би можела да стане следната земја што ќе слета луѓе на површината на Месечината.
„Не би ме изненадило воопшто ако Кина стигне прва“, изјави за BBC лунарниот научник Симеон Барбер од Отворениот универзитет, укажувајќи на тешкотиите на NASA во развојот на летало способно за безбедно слетување на луѓе на Месечината.
Програмата Ignition Moon Base на NASA е поделена во три фази. Пред пристигнувањето на луѓе, агенцијата планира да испрати роботски лендери и дронови за истражување и мапирање на тешкиот терен на Месечината. Планирано е и испраќање возила што ќе им овозможат на астронаутите движење по површината и транспорт на комуникациска и научна опрема.
NASA вчера објави дека договори за развој на овие системи добиле компаниите Blue Origin, Intuitive Machines и Astrobotic. Според плановите, лендерот Endurance на Blue Origin треба да овозможи прецизни слетувања, автономна навигација и управување.
За лендерот Griffin-1 на Astrobotic е планирано да слета во кратерот Nobile во близина на јужниот пол на Месечината. Системите ќе носат и научни инструменти, вклучувајќи камери со висока резолуција и уреди што користат рефлектирана ласерска светлина за попрецизно слетување.
Карлос Гарсија-Галан, извршен директор на програмата Moon Base, изјави дека фазата на роботско истражување треба да трае до 2029 година, со 25 лансирања и испорака на четири метрички тони товар на Месечината.
Потоа NASA планира изградба на енергетски постројки на Месечината, вклучувајќи нуклеарни фисиски реактори и соларни системи. До 2032 година агенцијата сака да овозможи луѓето да живеат во полутрајни станбени објекти на Месечината. Роверите би им овозможиле на астронаутите и долготрајни патувања по карпестата површина.
Јужниот пол на Месечината е особено интересен поради присуството на замрзната вода која би можела да се користи за пиење или производство на кислород.
Сепак, реализацијата на планот зависи од развојот на вселенско летало што може безбедно да транспортира луѓе до Месечината. Компанијата SpaceX на Илон Маск развива летало Starship Human Landing System, но проектот се соочува со бројни застои и одложувања.
„Клучниот предизвик е безбедно слетување на астронаутите на површината“, рече Барбер, додавајќи дека NASA делува како да чувствува потреба уште сега јавно да ги прикажува конкретните планови, делумно и поради политички притисок, пренесува BBC.

