Samsung Display испорачува OLED панели за Ferrari Luce, со необична комбинација на дигитален приказ и физички стрелки
Како што веќе е познато, новиот Ferrari Luce го дизајнирал Jony Ive, кој по заминувањето од Apple го основа студиото LoveFrom. Ive работел на надворешниот и внатрешниот дизајн на автомобилот, а кабината ќе користи неколку OLED екрани произведени од Samsung Display.
Ferrari Luce има вкупно три дигитални зони за приказ, додека Samsung Display ќе испорачува четири големини на панели: 12,9 инчи, 12 инчи, 10,1 инчи и 6,3 инчи. Решението е многу необично, иако не толку како цената на автомобилот од 550.000 евра.

Најинтересниот дел се наоѓа пред возачот, во инструмент таблата. Тој дел ќе има физичка стрелка што поминува низ OLED екранот, благодарение на Samsung HIAA технологијата (Hole In Active Area). Samsung веќе има големо искуство со отвори во екраните на телефони, но отворот за selfie камера обично не е поголем од околу 5 mm. Кај моделот Ferrari Luce, отворот во инструмент таблата ќе биде околу 20 пати поголем.

Инструмент таблата ќе користи два OLED панели поставени еден врз друг. Долниот панел од 12 инчи ќе прикажува позадински елементи, како што се ознаките на инструментите, додека горниот екран од 12,9 инчи ќе има три кружни отвори. Овој слоевит распоред, заедно со физичките стрелки, создава тродимензионален приказ, за разлика од рамниот 2D изглед на стаклените екрани што денес најчесто се среќаваат во автомобилите.
Централниот контролен панел ќе користи OLED екран од 10,1 инч. Тој ќе нуди прилагодливи функции, како што се часовник, штоперица и компас. И овој панел ќе ја користи HIAA технологијата, со три физички стрелки што поминуваат низ екранот, слично на стрелките за часови, минути и секунди кај класичен часовник.

Во задниот дел ќе се наоѓаат 6,3-инчни панели наменети за патниците на задните седишта. Тие ќе овозможат прилагодување на климата, приказ на податоци за динамиката на возење и дополнителни функции.
Од Ferrari порачуваат дека Samsung Display успеал да ја поддржи дизајнерската филозофија на моделот Luce, во која софтверот и хардверот треба да функционираат како една целина. Новиот систем на екрани треба да го спои наследството на Ferrari со современата технологија и да донесе поинакво искуство во кабината, пренесува GSM Arena.
