Американската технолошка компанија Nvidia го претстави RTX Spark, нови чип за персонални компјутери, со што влегува на потрошувачкиот пазар на уреди интегрирани со технологија на вештачка интелигенција.
„Оваа трансформација на компјутерите е исто толку значајна како и трансформацијата на мобилниот телефон во она што денес го познаваме како паметен телефон“, изјави извршниот директор на компанијата Џенсен Хуанг при претставувањето на новиот чип RTX Spark.
Хуанг го најави новиот чип за време на воведното обраќање пред денешното отворање на технолошкиот саем Computex 2026 во Тајпеј, Тајван.
Истовремено, Соединетите Американски Држави (САД) дополнително ги заострија правилата за продажба на најнапредните Nvidia чипови на кинески компании.
Компанијата Nvidia на својата интернет страница наведе дека RTX Spark е нов суперчип за ерата на лични AI агенти, кој носи нова генерација компјутери и ја менува нивната улога „од алатки до соработници“.

Џенсен Хуанг, извршен директор на NVIDIA најави партнерство со Windows за време на својот говор на COMPUTEX 2026 во Тајпеј
Новиот чип ќе биде вграден во нова линија компјутери со оперативен систем Windows, кои ги произведуваат компаниите ASUS, Dell Technologies, HP Inc., Lenovo, Microsoft и MSI.
Се очекува овие модели да се појават на пазарот во текот на есента, додека компјутерите на компаниите Acer и Gigabyte Technology ќе следат подоцна.
Со овој потег Nvidia директно влегува во конкуренција со водечките имиња на пазарот на персонални компјутери, како Apple и Intel.
Брзиот развој и популарноста на вештачката интелигенција ѝ помогнаа на Nvidia да стане највредната компанија во светот, со пазарна вредност поголема од пет билиони американски долари.
Американското Министерство за трговија вчера презеде чекори за затворање на потенцијална правна празнина која можеше да овозможи извоз на најнапредни AI технологии, вклучително и Nvidia процесорите Blackwell, до подружници на кинески компании регистрирани надвор од Кина.
Вашингтон веќе подолго време се обидува да спречи кинески компании да набавуваат напредни компјутерски чипови потребни за развој на клучни технологии на вештачка интелигенција.
