Тајвански воен институт претстави во Тајпеј три роботски кучиња кои во иднина би можеле да служат за патролирање на воени кампови и острови во Јужното Кинеско Море.
На настан за медиуми организиран од Министерството за одбрана и National Chung-Shan Institute of Science and Technology беа прикажани три верзии на роботи од американската компанија Ghost Robotics. Институтот на нивните платформи вградил сопствена опрема за извидување, надзор и огнена поддршка, а една верзија на грбот носи и оружје.
Јен Куо-Куанг, заменик-раководител на одделот за истражување на ракетни и проектилски системи, изјави дека војската веќе покажала потреба од ваква опрема, иако формална нарачка сè уште не е поднесена. Тој појасни дека маринците и крајбрежната стража гледаат јасна примена на овие системи на брегот и на оддалечени пунктови.

„Маринците сметаат дека на плажите и брегот, вклучително и за потребите на крајбрежната стража во Донгши и Нанши за патроли и инспекции, постои итна потреба. Што се однесува до копнената војска, тие имаат потреба од помош при патроли во воените кампови. Затоа ќе организираме единици врз основа на потребите и локациите на камповите за да ги исполниме барањата на различни задачи. Потоа постепено ќе се прошириме на различни локации“, изјави Куо-Куанг.
Во фокус се и островите во спорното Јужно Кинеско Море. Тајван има еден поголем остров во архипелагот Спратли, Иту Аба, додека го контролира целиот архипелаг Пратас, кој се наоѓа на стратешки важниот северен влез во тоа море. На овие острови нема постојано цивилно население, освен присуство на крајбрежната стража во мирнодопски услови.
Кина и Тајван полагаат право на голем дел од Јужното Кинеско Море. Се наведува и дека кинеските сили главно не го вознемируваат Иту Аба, но претставувањето на вакви системи покажува дека Тајван размислува за дополнително зајакнување на надзорот и безбедноста на оддалечените точки.
