Snapdragon X2 Elite за првпат пристигнува во mini-PC формат, преку ASUS Ascent QN10 наменет за работа со напредни AI функции и компактни работни простори.
Computex 2026 саемот, Qualcomm и ASUS го претставија ASUS Ascent QN10, првиот mini-PC компјутер базиран на Snapdragon X2 Elite платформата. Со ова, Snapdragon X серијата излегува од рамките на Windows лаптоп компјутерите и влегува во сегментот на компактни десктоп системи, каде сè повеќе се бараат високи перформанси, тивка работа и локална AI обработка.
ASUS Ascent QN10 ја користи Snapdragon X2 Elite платформата со 80 TOPS NPU единица за AI обработка, што овозможува извршување на посложени AI модели и агенти директно на уредот. Qualcomm наведува дека системот може да поддржи развојни задачи, локално извршување на модели, работа со големи количини податоци и алатки како Cursor, Claude Desktop, OpenAI Codex, OpenCode и слични модерни развојни околини.

Snapdragon X2 Elite mini-PC насочен кон AI задачи
Главната предност на овој компјутер не е само брзината, туку односот помеѓу перформансите, потрошувачката и димензиите. Куќиштето има волумен помал од 0,7 литри, што го прави значително помал од класичните mini-PC системи од околу 5 литри. И покрај тоа, ASUS QN10 е замислен како сериозна работна машина за канцеларии, студија, домашни работни простори и деловни опкружувања.
Snapdragon X2 Elite носи висока енергетска ефикасност, па системот треба да остане тивок и ладен за време на подолг работен период. Ова е важно за корисници кои работат со повеќе апликации, програмирање, AI агенти, локален тренинг или креативни задачи, но не сакаат голем десктоп компјутер на масата.
ASUS QN10 таргетира повеќе групи корисници. За prosumer сегментот нуди доволно моќ за multitasking, креирање содржина, продуктивност и забава. На програмерите им овозможува долготрајна работа во алатки како Visual Studio Code, брзо компајлирање и поддршка за AI автоматизација на задачи во повеќе чекори. Достапни се и седум USB порти, вклучувајќи три USB4 и три USB 3.2 Gen2 приклучоци.

За компаниите, предностите се тивкото куќиште, поедноставена инсталација, безбедност на ниво на чип и cloud, како и локална AI обработка без постојано испраќање чувствителни податоци надвор од уредот. Во индустриски сценари, како digital signage системи, ASUS QN10 може да поддржи до четири 4K екрани и да обработува содржина во режим на континуирана работа.
Пристигнувањето на Snapdragon X2 Elite платформата во mini-PC формат покажува дека Qualcomm сака пошироко присуство во PC сегментот. Доколку ASUS Ascent QN10 ги оправда очекувањата во пракса, би можел да отвори нова класа на тивки, мали и енергетски ефикасни AI десктоп компјутери.
