Со iOS 27 пристигнува целосно нова Siri со AI поддршка, но Марк Гурман тврди дека на почетокот ќе има листа на чекање за користење, а никој не знае колку долго ќе трае тоа.
Apple овој понеделник, на претстојната WWDC конференција конечно можеда ја претстави долгоочекуваната нова генерација на Siri, која според сè ќе биде придвижувана од вештачка интелигенција (AI). Но, иако се очекуваше новата Siri најпрво да биде достапна за бета-тестерите, а од септември и за пошироката јавност, се чини дека тоа нема да биде така.
Имено, според информациите на Марк Гурман од Bloomberg, корисниците кои сакаат да ја тестираат унапредената Siri ќе треба да се приклучат на листа на чекање. Засега не е познато дали ваквиот систем ќе се користи само во текот на бета-фазата на развој или ќе остане во сила и по официјалното објавување на iOS 27, кое се очекува наесен.
Да потсетиме, Apple првпат ја најави подобрената Siri уште во 2024 година, но развојот беше проследен со неколку одложувања. Поради тоа, се очекува токму вештачката интелигенција да биде една од главните теми на овогодишната WWDC конференција.

Според досегашните информации, новата Siri треба да прерасне од класичен гласовен асистент во AI четбот со можности споредливи со оние што ги нудат Gemini на Google и ChatGPT. Системот би требало да биде интегриран во сите оперативни системи на Apple, вклучувајќи ги iPhone, iPad и Mac уредите.
Наводно, разговорите со Siri ќе се синхронизираат преку iCloud меѓу сите Apple уреди на корисникот, а ќе бидат достапни и дополнителни опции за приватност. Како што веќе беше објавено во повеќе наврати, корисниците ќе можат да изберат автоматско бришење на историјата на разговорите на секои 30 дена, еднаш годишно или целосно да го оневозможат бришењето.
Официјалните детали Apple се очекува да ги открие веќе во понеделник, за време на воведната презентација на WWDC.

