Претстојните верзии Chrome 150 и 151 носат крај на поддршката за екстензии базирани на Manifest V2, што значи дека моќните блокатори како uBlock Origin повеќе нема да функционираат. Google тврди дека причината е безбедноста, но што значи тоа за приватноста на корисниците?
Google го приведува кон крај повеќегодишниот процес што суштински ќе го промени начинот на кој функционираат екстензиите во најпопуларниот интернет-прелистувач во светот. Со доаѓањето на верзиите Chrome 150 и 151, кои се очекуваат кон крајот на јуни и во јули, компанијата ќе ги отстрани и последните програмски остатоци што овозможуваа работа на постарите, но значително помоќни блокатори на реклами.
Со тоа завршува транзицијата кон новиот систем наречен Manifest V3, а за многу корисници тоа значи крај на ерата во која алатки како целосната верзија на uBlock Origin им овозможуваа речиси целосна контрола врз содржината што ја гледаат на интернет.
Збогум за Manifest V2
Процесот на укинување на поддршката за екстензии базирани на постарата платформа Manifest V2 започна уште во 2024 година. Сепак, понапредните корисници досега можеа да користат различни заобиколни решенија и специјални поставки за да ги задржат во функција своите омилени блокатори на реклами.
Сега, според The Verge, и на тие можности им доаѓа крај. Со претстојните ажурирања, Google ги отстранува последните референци кон старата платформа, што значи дека во Chrome ќе можат да работат исклучиво екстензии прилагодени на Manifest V3.

Причините за оваа драстична промена ги објасни програмерот на Google, Девлин Кронин. Тој истакна дека одржувањето на старата платформа создава значителен „технички долг“, дополнителна комплексност и безбедносни ризици.
„MV2 екстензиите повеќе не се дозволени во ниту една поддржана верзија на Chrome и затоа ја отстрануваме поддршката за нив и поврзаните функционалности. Не можеме бесконечно да ја одржуваме оваа функционалност поради сложеноста, техничките компликации и безбедносните ризици што ги носи“, изјави Кронин.
Тој додаде дека неодамна биле откриени повеќе грешки (bugови) специфични токму за Manifest V2. Според него, другите прелистувачи, доколку сакаат, можат и понатаму да ја поддржуваат старата технологија.
Оваа промена директно ги погодува корисниците на популарниот uBlock Origin, од кои голем дел веќе преминаа на „полесната“ верзија uBlock Origin Lite или целосно го напуштија Chrome и се префрлија на алтернативни прелистувачи.
Безбедноста пред напредното филтрирање
Во сржта на оваа промена лежи фундаментална техничка разлика меѓу двата системи.
Manifest V2 го користеше таканаречениот webRequest API, кој им овозможуваше на екстензиите во реално време да го пресретнуваат, анализираат и модифицираат целиот мрежен сообраќај на прелистувачот. Благодарение на тоа, блокаторите на реклами добиваа исклучителна моќ за динамичко филтрирање и блокирање не само на познати реклами, туку и на нови скрипти за следење на корисниците.
Но, истата таа моќ претставуваше и потенцијален безбедносен ризик, бидејќи злонамерна екстензија можеше да добие пристап до чувствителни кориснички податоци.
Новиот Manifest V3 го заменува овој пристап со declarativeNetRequest API. Наместо динамичко филтрирање, екстензиите однапред дефинираат листа на правила за блокирање, а самиот прелистувач го извршува филтрирањето според тие правила.
На тој начин се ограничува можноста за динамично дејствување и се намалува потенцијалот за злоупотреба, што Google го истакнува како клучна предност за безбедноста, приватноста и вкупните перформанси на прелистувачот.
Критичарите, од друга страна, предупредуваат дека оваа промена значително ја намалува ефикасноста на блокаторите на реклами и индиректно оди во прилог на бизнис-моделот на Google, кој во голема мера се потпира на дигиталното рекламирање.
Додека некои студии покажуваат дека нема статистички значајно намалување на ефикасноста при блокирањето реклами, самите креатори на екстензии тврдат дека новите правила им ги врзуваат рацете во борбата против сè пософистицираните методи за следење на корисниците.
Корисниците бараат алтернативи
Промената доаѓа во период кога корисниците сè повеќе ја препознаваат важноста на дигиталната приватност. Тоа придонесува за раст на популарноста на прелистувачи како Mozilla Firefox, кој најави дека ќе ја задржи поддршката и за двете верзии на Manifest, како и Brave, кој има вградени напредни механизми за блокирање реклами и тракери.
За лојалните корисници на Google Chrome, иднината на сурфањето без реклами ќе зависи од прилагодувањето кон новата генерација блокатори со ограничени можности или од тешката одлука да преминат на друг прелистувач што нуди поголема флексибилност.

