Privacy Display стана своевидна „ѕвезда“ меѓу функциите на Galaxy S26 Ultra, а прашање на време е кога и кинеските производители ќе ја имплементираат оваа технологија.
Според информациите на познатиот кинески дојавувач Digital Chat Station, претстојниот Xiaomi 18 Pro би можел да ја има технологијата Privacy Display, каква што веќе користи Samsung Galaxy S26 Ultra.
Станува збор за технологија која им отежнува на луѓето што се наоѓаат од страна да ја гледаат содржината прикажана на екранот, со што се зголемува приватноста на корисникот при користење на уредот на јавни места. Слична функционалност веќе со години нудат и заштитните стакла од трети производители за мобилни телефони.

Покрај оваа функција, гласините наведуваат дека Xiaomi 18 Pro и Xiaomi 18 Pro Max ќе го задржат секундарниот екран на задната страна на уредот, претставен кај претходната генерација. Наводно, неговата дијагонала ќе порасне на четири инчи, што ќе го направи многу покорисен во секојдневната употреба.
Се очекува двата модели да го користат претстојниот Snapdragon 8 Elite Gen 6 Pro SoC процесор. Xiaomi 18 Pro наводно ќе има 6,3-инчен екран и батерија со капацитет од најмалку 7.000 mAh, додека 18 Pro Max би требало да добие 6,9-инчен екран. Според неофицијални информации, двата уреди би можеле да располагаат и со две задни камери со резолуција од 200 MP.
Доколку ова ви звучи привлечно, ќе мораме да ве разочараме – Xiaomi 18 Pro и 18 Pro Max најверојатно нема да бидат достапни за купување надвор од кинескиот пазар.


