Apple ја менува временската рамка за претставување на своите чипови со цел да го забрза развојот и лансирањето на процесори оптимизирани за задачи поврзани со вештачката интелигенција, пренесува Bloomberg.
Компанијата планира да го претстави основниот M6 чип за моделите од почетното ниво уште кон крајот на 2026 година, но ги откажала плановите за M6 Pro и M6 Max. Наместо тоа, следните Pro и Max процесори ќе бидат дел од серијата M7, чие деби е планирано за 2027 година. Во меѓувреме, M5 Ultra би можел да биде претставен уште кон крајот на оваа година.
Според актуелниот план, M5 Ultra и M6 ќе бидат лансирани кон крајот на 2026 година, основниот M7 во првата половина на 2027 година, M7 Pro и M7 Max кон крајот на 2027 година, додека M7 Ultra се очекува во текот на 2028 година.
![]()
Apple го забрзува развојот на серијата M7 бидејќи овие чипови ќе вклучуваат технологии наменети за локална обработка на AI задачи (on-device AI), како и за софтвер кој интензивно го користи графичкиот процесор (GPU). Од првата генерација Apple Silicon наваму, секоја серија се состоеше од најмалку три варијанти – основен M-чип, Pro и Max. Серијата M6 ќе биде првата кај која нема да бидат претставени Pro и Max изданија.
Apple би можел да го освежи основниот MacBook Pro со M6 уште кон крајот на оваа година. Новиот процесор се очекува да понуди околу 200 GB/s мемориски пропусен опсег, што ќе овозможи подобри графички перформанси, побрза AI обработка и побрзо видео уредување. За споредба, основниот M5 располага со 153 GB/s мемориски пропусен опсег, додека основниот M7 би можел да достигне 240 GB/s.
Според Bloomberg, M6 ќе донесе и нова мемориска архитектура, подобрен Neural Engine, повисоки перформанси на сите процесорски јадра и редизајниран графички процесор со до 12 GPU јадра. Претходните информации укажуваа дека M6 ќе биде првиот Apple чип произведен со 2-нанометарски производствен процес.

Основниот M6 најверојатно ќе се користи во почетните модели на MacBook Pro, Mac mini и iMac, како и во идните генерации на iPad Pro и iPad Air. Од друга страна, повисоките конфигурации на MacBook Pro и Mac mini ќе добијат M7 Pro и M7 Max, додека Mac Studio ќе биде достапен со M7 Max и M7 Ultra.
Bloomberg наведува дека Apple и понатаму планира да го претстави M5 Ultra во освежена верзија на Mac Studio уште кон крајот на оваа година. Се очекува процесорот да располага со околу 36 CPU јадра, 80 GPU јадра и до 768 GB унифицирана меморија.
Apple истовремено работи и на премиум модел наречен MacBook Ultra, кој според претходните гласини требаше да има OLED дисплеј и екран чувствителен на допир, а да биде претставен кон крајот на 2026 година. Сепак, со оглед дека M7 Pro и M7 Max сега се очекуваат дури кон крајот на 2027 година, таквото сценарио изгледа сè помалку веројатно, освен ако Apple не одлучи MacBook Ultra да го опреми со M6, M5 Max или M5 Ultra.
Веста за изменетата стратегија за лансирање на Apple Silicon чиповите доаѓа непосредно откако компанијата ги зголеми цените на сите модели на Mac и iPad.

