Претстојната линија на MacBook компјутери со екран на допир од Apple ќе биде придвижувана од постојните M5 Pro и M5 Max чипови, покажува нов извештај на Bloomberg.
Според последните информации, редизајнираните модели на MacBook треба да пристигнат „помеѓу крајот на оваа и почетокот на следната година“. Тие ќе бидат првите Mac компјутери со екран на допир во историјата на Apple – идеја што компанијата со години ја отфрлаше.
Новите MacBook модели ќе добијат и OLED дисплеи, што исто така ќе биде премиера за Mac компјутерите. Ќе бидат достапни во верзии со 14-инчен и 16-инчен екран.
Дополнително, Apple за првпат ќе ја воведе и Dynamic Island функцијата кај Mac, која ќе го замени сегашниот „засек“ (notch) на екранот.

„Уредите ќе добијат и целосно освежен индустриски дизајн, што ќе претставува прва визуелна промена кај премиум MacBook моделите од 2021 година наваму“, се наведува во извештајот.
Овој извештај доаѓа само еден ден откако новинарот Марк Гурман објави дека Apple планира да ги прескокне помоќните чипови во претстојната генерација M6. Тоа предизвика бројни шпекулации околу иднината на новата линија MacBook компјутери со екран на допир, за која претходно се очекуваше да користи M6 Pro и M6 Maxпроцесори.
Според Bloomberg, Apple веќе е во „напредна фаза на тестирање“ на наследникот на овие модели, кој ќе биде опремен со M7 Pro и M7 Max чипови. Лансирањето на таа генерација е планирано „најрано кон крајот на 2027 година“.
Целосниот извештај е достапен на Bloomberg.

