Потенцијалната соработка на Apple со компанија која Вашингтон ја поврзува со кинеската војска би можела да предизвика политички критики и да отвори прашања за безбедноста на синџирите на снабдување.
Apple наводно побарал специјално одобрение од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за купување мемориски чипови од кинеската компанија ChangXin Memory Technologies (CXMT), која се наоѓа на списокот на компании под засилен надзор на американскиот Пентагон поради наводни врски со кинеската Народноослободителна армија.
Според информации на Financial Times, повикувајќи се на доверливи извори, Apple со овој потег сака да го намали притисокот врз својот синџир на снабдување. Цените на RAM меморијата и мемориските чипови во последните месеци значително пораснаа, поради што компанијата оваа недела ги зголеми цените на речиси сите свои производи. Пронаоѓањето алтернативни добавувачи би можело да помогне во ублажување на понатамошниот раст на трошоците.

Иако американските закони во моментов не му забрануваат на Apple да соработува со CXMT, деловната соработка со компанија која американските власти ја поврзуваат со кинеската војска би можела да претставува сериозен репутациски ризик. Дополнителен проблем е што CXMT веќе бил разгледуван за вклучување на американската Entity List – листа на компании за кои важат строги извозни ограничувања. Сепак, одлуката била одложена поради тековните трговски преговори меѓу САД и Кина.
Иако извршниот директор на Apple, Тим Кук, во последните месеци се обидуваше да ги зацврсти односите со администрацијата на претседателот Трамп, засега не е познато дали Белата куќа ќе го одобри барањето на компанијата. За случајот за Financial Times се огласи и републиканскиот конгресмен Џон Муленар.
„Apple би направил сериозна грешка доколку одлучи да соработува со компанија поврзана со кинеската војска. Помагањето на Комунистичката партија на Кина во остварувањето на нејзиниот план да воспостави доминација врз клучните синџири на снабдување би ја направило нашата технолошка индустрија и економија уште позависни од Кина, токму во момент кога треба да градиме сигурни технолошки синџири на снабдување заедно со нашите сојузници“, изјави Муленар.

