Netflix од одредени корисници почна бара на секој Netflix профил да се додаде единствена мејл адреса, наместо да се користи е-поштата на сопственикот на сметката.
Netflix тивко го менува начинот на функционирање на заедничките сметки, воведувајќи поголема самостојност за поединечните профили. Дел од корисниците сега добиваат барање секој Netflix профил да има сопствена е-пошта, наместо сите да ја користат адресата на сопственикот на претплатата.
Во моментов, Netflix сметката се контролира преку една е-пошта и лозинка, додека до пет профили им овозможуваат на членовите на домаќинството одвоени листи на содржина, препораки и историја на гледање. При најавување, верификација или враќање пристап, сите пораки пристигнуваат во сандачето на главниот сопственик на сметката.
Според објави на корисници на Reddit, Netflix почнал директно да бара додавање е-пошта за поединечните профили. Во пораката се наведува дека оваа промена ќе овозможи полесно најавување, враќање пристап, персонализирани препораки и дополнителни функции кои ќе пристигнат подоцна.

Netflix профил добива поголема самостојност со сопствена е-пошта и најава
Кога е-поштата ќе се поврзе со профилот, неговиот корисник може самостојно да прима верификациски кодови и податоци потребни за враќање пристап. Со тоа повеќе нема да зависи од сопственикот на главната сметка при најавување на нов уред или ако го изгуби пристапот до профилот.
Поединечниот Netflix профил добива и поголема контрола врз сопствените поставки, додека препораките остануваат засновани на неговата историја на гледање. Сепак, дел од корисниците се сомневаат дека промената е воведена само за поудобно користење.
Netflix во 2023 година започна да го ограничува споделувањето лозинки и го воведе концептот Netflix Household, според кој сметката е наменета за лица кои живеат во исто домаќинство. На одредени пазари корисниците можат дополнително да платат за Extra Member места за лица надвор од домаќинството.
Компанијата во меѓувреме ја претстави и опцијата Profile Transfer, која овозможува пренос на историја на гледање, препораки, зачувани игри и листи на содржина на посебна сметка. Поради тоа, дел од претплатниците сметаат дека посебните е-пошти подоцна би можеле да му помогнат на Netflix полесно да ги идентификува поединечните корисници и да ги издвојува од заедничките претплати.
Промената засега се воведува постепено и не е достапна за сите корисници. Додавањето е-пошта на поединечен профил може да биде практично во поголеми домаќинства, особено кога повеќе луѓе користат една сметка на различни уреди.
Сепак, имајќи ги предвид досегашните заострувања на правилата за споделување сметки, останува отворено прашањето дали станува збор само за поудобна најава или за подготовка за следната фаза во управувањето со Netflix претплатите.

