Во текот на вчерашниот ден, Собранието усвои нов закон за игри на среќа и забавните игри кој донесе и низа на измени поврзани со рекламирањето и организирањето на т.н. giveaway наградувања.
Во овој подолг текст се обидовме да ги извлечеме најважните законски одредби од предлог законското решение, што треба да ги имаме на ум при организирањето на кампањи поврзани со темите на овој закон. Додека го очекуваме пречистениот текст, еве што пишуваше во предлогот.
Најпро да потенцираме што законот дефинира под рекламирање:
Член 2 – став 31 вели:
Под рекламирање на игрите на среќа се подразбира секаков вид и начин на рекламирање на игрите на среќа во и надвор од деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа.
Член 22 ЗАБРАНУВА:
Став 2 – Продажба, рекламирање и секое друго претставување на странскилозови, томболски картички, ливчиња, тикети, електронски картички, рекламирање на интернет страници на правни субјекти и правни субјекти кои овозможуваат приредување на игри на среќа 17 без дозвола или лиценца согласно овој закон и сл. на територијата на Република Северна Македонија;
Став 5 – секаков вид и начин на рекламирање на општите и посебните игри на среќа надвор од деловната просторија во која се приредуваат игрите на среќа, кои имаат елементи на игри на среќа и се насочени кон поттикнување и вклучување во игрите на среќа, како и рекламирање на називите на друштвата кои ги приредуваат игрите на среќа, освен рекламите на спортската опрема и рекламите на спортските терени на називите на друштвата кои ги приредуваат игрите на среќа. Оваа забрана не се однесува на приредувањето на наградните игри, интерактивните игри и подарувањето (giveaway), освен кога како приредувач на овие игри се јавуваат приредувачите на посебните игри на среќа или приредувачот на електронските игри на среќа;
Став 6 – секакви начини на рекламирање на надворешниот дел на излогот на деловната просторија кај приредувач на посебни или електронски игри на среќа поголеми од 30 сантиметри висина и 100 сантиметри должина, освен за посебните игри на среќа кои се приредуваат во казино на пограничните линии на оддалеченост до три километри од граничен премин
Став 7 – користење и рекламирање на назив различен од видот на играта на среќа за која има добиено одобрение, односно лиценца или дозвола, користење на зборови во називот на трговското друштво различни од играта на среќа за која е лиценцирано друштвото и користење на различни називи на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа согласно издадената лиценца;
Став 9 – рекламирање или учество во рекламирање со кое игрите на среќа се промовираат како начин за социјално прифаќање, за постигнување на личен или финансиски успех или пак за решавање на какви било економски, социјални или лични проблеми;
став 10 – рекламирање со кое се упатува препораки од познати личности кои сугерираат дека игрите на среќа дале придонес за нивниот успех и
Став 11- рекламирање кое е насочено кон поттикнување на малолетни лица да се вклучуваат во игрите на среќа и со кое се надминуваат границите на пристојноста
ЧЛЕН 135 ЗАБРАНУВА
Се забранува рекламирање или учество во рекламирање на кој било начин:
1) со кое интернет игрите на среќа се промовираат како начин за социјално прифаќање, за постигнување на личен или финансиски успех или пак за решавање на какви било економски, социјални или лични проблеми;
2) со кое се упатуваат препораки од познати личности кои сугерираат дека интернет игри на среќа дале придонес за нивниот успех;
3) кое е посебно насочено кон поттикнување на малолетни лица да се вклучат во интернет игри на среќа и
4) со кое се надминуваат границите на пристојност.
(2) Се забранува рекламирање на игрите на среќа интернет игрите на среќа на телевизиски и радиски медиуми во периодот од 06:00 часот до 22:00 часот во текот на денот
РЕГУЛАЦИЈА И НА GIVEAWAY
Подарување (giveaway) е игра на среќа во која влогот е преку лајкувања, тагнувања и објави и која заради рекламирање на производи и услуги ги приредува едно трговско друштво или трговец поединец, на начин определен од страна на приредувачот на играта на среќа (на вообичаен начин, електронски начин, по пат на мобилен уред, интернет и слично) со јавно објавување на условите за учество во играта утврдени со правилата на играта, при што приредувачот на играта на среќа се обврзува на утврдените добитници да им ги додели наградите во предмети, пари или права;
Со новиот закон се воведува обврска за издавање дозвола и плаќање соодветна давачка за нивно приредување. Дополнително, со законот се уредува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и електронските и интернет игрите на среќа, е право на Република Македонија, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост.
Законски одредби:
VII. ПОДАРУВАЊЕ (giveaway)
Член 141
(1) Барање за добивање на дозвола за приредување на подарување (giveaway) се поднесува до Министерството за финансии на пропишан образец од ставот (9) на овој член.
(2) Доколку подносител на барањето е трговец поединец, барателот доставува: 1) правила на подарување (giveaway); 2) докази за потекло на наградите кои се доделуваат во подарување (giveaway); 3) документ за регистрација на трговец-поединец издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија; 4) информација за економско-финансиската состојба на субјектот, издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија врз основа на годишната сметка за последната деловна година со која се потврдува економско-финансиска состојба во работењето на субјектот доколку субјектот имал деловна активност; 5) доказ за платен надоместок за поднесеното барање во износ од 100 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата и 6) доказ дека ги има платено јавните давачки по основ на даноци, царини и придонеси за задолжително социјално осигурување до месецот во кој е поднесено барањето.
(3) Доколку барањето од ставот (1) на овој член го поднесува трговско друштво, кон барањето ги доставува доказите од ставот (2) точки 1), 2), 4), 5) и 6) на овој член, како и следните документи: 1) документ за регистрација на трговското друштво издаден од Централниот регистар на Република Северна Македонија; 2) потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека на трговското друштво не му е изречена споредна казна забрана за добивање на дозвола за приредување на игри на среќа; 3) потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека на трговското друштво не му е изречена споредна казна одземање на дозвола за приредување на игри на среќа и 4) потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека на трговското друштво не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на дејност за приредување на игри на среќа.
(4) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува најдоцна во рок од 30 дена пред денот кој од страна на подносителот на барањето е определен како ден на почеток на приредувањето подарување (giveaway).
(5) Министерството за финансии донесува дозвола за приредување на играта на среќа подарување (giveaway) по поднесеното барање во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на барањето.
(6) Доколку барањето не е комплетно, Министерството за финансии го известува подносителот на барањето да ги достави потребните документи во најбрз можен рок но не подоцна од 15 дена од денот на приемот на известувањето.
(7) Во рокот од ставот (5) на овој член не се пресметуваат роковите од ставот (6) на овој член.
(8) Доколку подносителот на барањето не ги достави бараните документи во дадениот рок од став (6) на овој член или достави некопмлетна документација, барањето ќе се отфрли.
(9) Формата и содржината на образецот на барањето од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.
(10) Видовите докази за потекло на наградите кои се доделуваат во играта на среќа подарување (giveaway) ги пропишува министерот за финансии.
(11) Доколку барањето од ставот (1) на овој член е поднесено од трговско друштво во име и за сметка на друго трговско друштво, во тој случај трговското друштво кое го поднесува барањето потребно е да ги достави документите од ставот (2) на овој член кои се однесуваат за трговското друштво во чие име и сметка се поднесува барањето.
Член 142
(1) Правилата на играта на среќа подарување (giveaway) особено содржат: 1) назив и седиште на трговецот-поединец, односно трговското друштво; 2) назначување на производите и услугите заради чие рекламирање се приредува подарување (giveaway); 3) име, опис и времетраење на подарување (giveaway); 4) опис и содржина на потврдата врз чија основа се стекнува право на учество во подарување (giveaway); 5) територија на која се приредува подарување (giveaway), односно на која се врши уплатата за учество во подарување (giveaway); 6) податоци за наградите во подарување (giveaway); 7) поединечна вредност на секоја награда од фондот на награди и вкупна вредност на фондот на награди, искажани во денари; 8) услови за учество во подарување (giveaway); 9) текот на постапката на приредувањето, односно спроведувањето на подарување (giveaway); 10) место, време, начин, постапка и контрола на извлекувањето на наградите, односно на определувањето на добивките и добитниците; 11) начин на објавување на резултатите, односно добитниците на наградите; 12) начин на исплатата, односно остварување на добивката; 13) рок во кој се врши исплатата, односно остварување на добивката; 14) начин на запознавање на учесниците во подарување (giveaway) со правилата на играта; 15) рок во кој незадоволниот учесник во подарување (giveaway)има право да поднесе приговор против приредувачот на подарување (giveaway) и 16) забрана за учество во наградната игра на вработените кај приредувачот на подарување (giveaway), како и членовите на нивните потесни семејства
(2) Правилата на подарување (giveaway) ги пропишува приредувачот на подарување (giveaway), а се применуваат по добиената согласност од Министерството за финансии.
Член 143
(1) Времетраењето на приредувањето на играта на среќа подарување (giveaway) не може да биде подолго од една година.
(2) Приредувачот на подарување (giveaway) е должен јавно да ги објави резултатите, односно добитниците на наградите во рок од три дена од денот на извлекувањето на наградите, односно од денот на определувањето на добивките и добитниците во најмалку еден дневен весник достапен на територијата на која се приредува подарување (giveaway) или на друг начин да ги направи достапни за учесниците во играта.
(3) Приредувачот кој добил дозвола за приредување на играта на среќа подарување (giveaway) е должен пред започнување на играта да ги објави правилата на играта во најмалку еден дневен весник достапен на територијата на која се приредува играта на среќа подарување (giveaway) или на друг начин ги направи достапни за потенцијалните учесници во играта.
(4) Одредбите од овој закон кои се однесуваат на интернет игрите на среќа не се применуваат на подарување (giveaway).
Член 144
Исплатата на паричните добивки, односно преземањето на стоковните и другите добивки од играта на среќа подарување (giveaway) се врши во рок одреден со правилата на играта кој не може да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите, односно добитниците на наградите.
Член 145
(1) Приредувачот на играта на среќа подарување (giveaway) плаќа надоместок за приредување на играта во висина од 18% од вкупната вредност на фондот на наградите.
(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член приредувачот е должен да го плати пред почетокот на играта, а во рок од три дена од денот на приемот на дозволата.
(3) Доколку приредувачот постапи спротивно на ставот (2) на овој член, Министерството за финансии со решение ја одзема дозволата.

