Доколку бројот на сателити во Земјината орбита надмине 100.000, човештвото би можело да ја изгуби способноста да го проучува вселенскиот простор од површината на Земјата.
До овој заклучок дојде студија спроведена од астрономи од Европската јужна опсерваторија (ESO), која предупредува дека, доколку се реализираат постојните планови за поставување еден милион орбитални центри за податоци и десетици илјади огледала што ја рефлектираат сончевата светлина, најнапредните светски астрономски телескопи практично би можеле да станат неупотребливи.
„Можеме да дојдеме во ситуација во која повеќе нема да има смисла да се користат телескопи, бидејќи сите податоци ќе бидат загадени. Сите, сто проценти“, изјави за Space.com Оливие Ено, директор за операции во ESO и главен автор на студијата.
Ено користел компјутерско моделирање за да го процени влијанието на различен број сателити со различна осветленост врз астрономските набљудувања. Резултатите покажале дека, доколку околу Земјата кружат 100.000 сателити кои едвај се видливи со голо око, астрономијата сè уште би можела да функционира. Но, ако тие сателити бидат посветли – со магнитуда од околу 7 или помала – астрономските истражувања би станале значително потешки и поскапи.
Сателитите влијаат на ноќното небо на два начина. Прво, сончевата светлина што ја рефлектираат ја зголемува вкупната осветленост на небото, создавајќи светлосно загадување. Второ, посветлите сателити оставаат светли траги на снимките од телескопите, со што ги уништуваат набљудувањата.
„Ако се зголеми светлосното загадување, ќе гледате помалку природни ѕвезди, а повеќе од овие сателити. За телескопите тоа значи подолго време на експозиција. Ако светлосното загадување се зголеми за 10 проценти, мора да се продолжи времето на експозиција за 10 проценти. Односот е директно пропорционален. Ако загадувањето се удвои, и времето на експозиција мора да се удвои“, објаснува Ено.
Подолгите експозиции значат помал број научни истражувања и повисоки трошоци за секое набљудување. Меѓународната астрономска унија предупредува дека зголемување на светлосното загадување за повеќе од 10 проценти во однос на природно темното небо е „убиец на астрономијата“.
Како што урбаниот развој во изминатите два века го зголемуваше светлосното загадување, астрономите ги преместуваа своите опсерватории на сè пооддалечени локации. Дел од најскапите телескопи во светот, меѓу кои се Опсерваторијата „Вера К. Рубин“, Very Large Telescope и Extremely Large Telescope на ESO, се наоѓаат во чилеанската пустина Атакама, каде ноќното небо и натаму е речиси совршено темно.
Но, додека од светлата на градовите може да се избега, од светлосното загадување предизвикано од сателитите нема спас, предупредува Ено. Без разлика дали сте во мало село во Африка, кампувате во австралиската внатрешност или сте на експедиција на Антарктикот или во амазонската прашума, небото ќе биде осветлено од сателити.

Огледалата во вселената би можеле целосно да го променат ноќното небо
Уште поголем проблем би настанал доколку се реализираат плановите за лансирање илјадници вселенски огледала што ќе ја рефлектираат сончевата светлина, како што предлага американската компанија Reflect Orbital.
Компанијата, со седиште во Хоторн, Калифорнија, планира да обезбедува светлина за соларни електрани во текот на ноќта, како и осветлување за воени зони и подрачја погодени од природни катастрофи. Таа веќе поднесе барање до Федералната комисија за комуникации (FCC) за лансирање демонстрациско вселенско огледало во текот на оваа година.
Сателитот, наречен Eärendil-1, со димензии 18 x 18 метри, треба да биде првиот од планирана констелација од 50.000 вакви огледала.
„Reflect Orbital е навистина лоша идеја. Тоа што го предлагаат речиси целосно би ги оневозможило нашите набљудувања. Станува збор за исклучително светли сателити“, вели Ено.
Според пресметките на астрономите, секое вселенско огледало на Reflect Orbital би било посветло од полната Месечина за набљудувачите во подрачјето каде што е насочен светлосниот сноп. Дури и надвор од тој сноп, сателитот би бил посветол од Венера – најсветлиот објект на ноќното небо по Месечината.
„Ако се лансираат 50.000 вакви огледала, во секој момент би имало стотици, па дури и илјадници екстремно светли објекти видливи од која било точка на Земјата“, предупредува тој.
Во областите со релативно ниско светлосно загадување, со голо око може да се видат само неколку стотици светли ѕвезди. Тоа значи дека, доколку целата констелација на Reflect Orbital стане реалност, на небото би имало повеќе видливи сателити отколку ѕвезди. Дополнително, оваа констелација би ја зголемила осветленоста на ноќното небо за дури 300 проценти.
Прагот од 100.000 сателити
Ено додава дека планираните орбитални центри за податоци на SpaceX, иако ќе имаат соларни панели широки 70 метри, би биле значително помалку светли и приближно подеднакво видливи како сателитите Starlink.
„Според достапните информации, овие сателити се оптимизирани за да го минимизираат влијанието гледано од Земјата. Рефлектирачките површини се навалени подалеку од Земјата, а самиот сателит е многу тесен и кон Земјата е свртен со својот потесен крај“, објаснува тој.
Сепак, научниците предупредуваат дека вкупниот број сателити на сите оператори не би требало да надмине 100.000 доколку астрономијата сака да избегне сериозни последици. Во моментов, околу Земјата кружат приближно 14.000 сателити, а SpaceX чека одлука од FCC за барањето за лансирање дури еден милион орбитални центри за податоци.
„Јавноста никогаш не се согласи небото да се промени“
Роберт Меси, заменик-извршен директор на Кралското астрономско друштво, изјави дека резултатите од студијата воопшто не го изненадиле.
„За астрономијата ова би било очигледно катастрофално. Тешко е да се замисли како би можеле да се ублажат последиците во ваков обем. Но, загрижен сум и за јавноста. Луѓето никогаш не дале согласност нивниот поглед кон ноќното небо целосно да се промени“, изјави Меси за Space.com.
Тој посочува дека, според меѓународното вселенско право, сосема е законски една американска институција да донесе одлука што ќе има последици за целиот свет.
„Доколку FCC го одобри ова, тоа ќе биде длабоко разочарувачки. Тоа ќе значи дека живееме во свет во кој големите корпорации можат да одлучуваат како ќе изгледа небото над нашите глави, исто како што можат да влијаат врз животната средина на Земјата. Но, промените на животната средина на Земјата подлежат на многу построги регулативи“, истакна Меси.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп презеде чекори за да ги намали обврските на операторите на сателити да докажуваат дека нивните проекти немаат негативно влијание врз животната средина. Во моментов, ниту FCC, ниту приватните компании не се должни да спроведуваат еколошка проценка пред одобрување на сателитски проекти.
Бети Киоко, советничка за институционални прашања во ESO, потсетува дека Договорот на Обединетите нации за вселената од 1967 година предвидува државите да бидат одговорни за вселенските летови и објектите што ги регистрираат, како и дека вселената треба да се користи „за заедничка добробит на човештвото“.
„Сега мора да почекаме FCC да донесе одлука, бидејќи Договорот за вселената е напишан во време кога никој не можеше да замисли дека приватни компании ќе имаат ваков пристап до вселената“, рече Киоко.
ESO е една од стотиците организации ширум светот што поднесоа приговори на апликациите на SpaceX и Reflect Orbital.


