Малите Nokia телефони, популарно нарекувани „цигли“, се враќаат во 2026 година со препознатливиот дизајн, но и со нови функции, меѓу кои и поддршка за вештачка интелигенција.
Компанијата HMD сè уште изгледа не може целосно да одлучи во која насока ќе го развива своето портфолио – дали ќе се фокусира на паметни телефони под сопствениот бренд HMD или на класични мобилни телефони. Дополнително, останува нејасно и каква ќе биде иднината на брендот Nokia, бидејќи новите модели истовремено ги носат и логото на HMD. Необична одлука, но очигледно компанијата има своја стратегија.

Нова генерација класични телефони
HMD продолжува со развојот на традиционалните мобилни телефони со физичка тастатура. Новата линија ја сочинуваат моделите:
- Nokia 200 4G
- Nokia 210 4G
- Nokia 215 4G (втора генерација)
- Nokia 235 4G (втора генерација)
Сите модели доаѓаат со интегриран асистент базиран на вештачка интелигенција. Тој се активира преку посебно копче сместено во центарот на навигациското копче и е едноставен за користење.

AI функции и претплата
Функциите за вештачка интелигенција ги обезбедува системот Sikey AI, кој им овозможува на корисниците гласовно да поставуваат основни прашања, како и да управуваат со одредени функции на телефонот преку гласовни команди.
Според официјалните спецификации на компанијата, AI асистентот е бесплатен во првите 180 дена од користењето. По истекот на тој период, потребна е претплата. Интересно е што за активирање на претплатата корисниците ќе мора да имаат паметен телефон или компјутер.
Екран, видео повици и камери
Сите четири модели поддржуваат видео повици преку апликацијата Xpress Chat. За оваа функција се користи вградена предна VGA камера, сместена во горниот дел од телефонот.
Станува збор за камера со резолуција од 640 × 480 пиксели, односно само 0,3 мегапиксели.
Моделите Nokia 210 4G и Nokia 215 4G имаат 2,4-инчен QVGA дисплеј, додека Nokia 215 4G и Nokia 235 4Gрасполагаат со поголем 2,8-инчен IPS екран со иста резолуција.
Nokia 210 4G и Nokia 235 4G имаат и задна камера, а моделот Nokia 235 4G е опремен со сензор од 2 мегапиксели.

Оперативен систем, батерија и поврзување
Сите модели работат на оперативниот систем S30+, првично развиен од Nokia, а подоцна надграден од HMD.
Телефоните се опремени со батерија со капацитет од 1.450 mAh и поддржуваат Bluetooth 5.0 за поврзување со други уреди.
Дополнително, сите модели го задржуваат класичниот 3,5-милиметарски аудио приклучок за слушалки, располагаат со вграден FM радио приемник, а полнењето се врши преку современиот USB-C приклучок.
Цена и достапност
HMD сè уште не објави официјални информации за цените и достапноста на новите модели на глобалните пазари. Во моментот тие сè уште не се достапни на локалните веб-страници на компанијата, но веќе се наведени на глобалната страница на HMD.

