Станува збор за потенцијално корисна апликација која помага при дешифрирање на состојките наведени на декларациите, кои често се испечатени со многу ситни букви, открива потенцијално штетни состојки и помага при носење информирани одлуки при купувањето.
Иако производителите се обврзани на декларациите јасно да наведат од што е составен некој производ, без разлика дали станува збор за прехранбен производ или детергент за перење алишта, често е тешко да се дешифрираат различните називи што се наоѓаат на задната страна од пакувањето. За среќа, постојат апликации кои значително го олеснуваат овој процес, а Toxly е пример за такво решение.
Целиот процес функционира едноставно. Апликацијата ја користи камерата вградена во паметниот телефон за да ја скенира листата на состојки на производот, која најчесто се наоѓа на декларацијата залепена на задната страна (може да се скенира и баркодот), а потоа ги анализира препознаените поими и ги категоризира според нивното потенцијално влијание врз здравјето.

Покрај визуелниот приказ, достапна е и енциклопедија на хемиски соединенија со објаснувања за нивните својства и можните несакани ефекти. Ова може да биде корисно за оние кои сакаат да избегнат одредени алергени, парабени или сулфати, а достапни се и други дополнителни информации.
Очекувано, прецизноста на анализата и препознавањето на текстот испечатен на декларацијата зависи од пакувањето. Апликацијата покажува одредени недостатоци кај производи со многу закривена и заоблена амбалажа, како и кога декларацијата е тешко читлива, но во најголем број случаи својата работа ја извршува коректно.
Добро е што целата обработка се одвива директно на самиот уред, па за користење на апликацијата не е потребна активна интернет конекција. Дополнително, апликацијата не собира никакви податоци од корисниците. Основната верзија е бесплатна, но има одредени ограничувања, кои се отстрануваат со плаќање месечна претплата од 1,19 евра.

