Сондата New Horizons на американската вселенска агенција NASA се разбуди по едногодишна хибернација.
Патувањето низ огромните растојанија меѓу најоддалечените објекти во Сончевиот Систем значи дека New Horizons често со месеци крстари низ вселената со многу малку активности, освен пасивно собирање научни податоци. Во тие периоди сондата преминува во режим на хибернација, при што нејзините инструменти продолжуваат да собираат податоци, но поголемиот дел од останатите системи се исклучуваат за да се заштеди енергија.
New Horizons влезе во ваков период на хибернација во август минатата година, а сега повторно се активираше и, според соопштението на NASA, се наоѓа во „добра здравствена состојба“. Вселенското летало моментално е оддалечено околу 9,5 милијарди километри од Земјата – толку далеку што на радио-сигналите им се потребни околу девет часа за да стигнат до нашата планета.
Сега, кога повторно е активна, сондата ќе започне да ги испраќа податоците што ги собрала во текот на изминатите 321 ден, а истовремено ќе ги информира контролорите на мисијата на Земјата за состојбата и работата на нејзините системи во студените и темни пространства на длабоката вселена.
Засега сè укажува дека сондата е во одлична состојба.
„Секој извештај за статусот за време на овој период на хибернација беше означен како ‘зелено’, што значи дека секоја недела сè функционираше беспрекорно кај New Horizons“, изјави Алис Боуман, менаџер за операции на мисијата New Horizons во Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс (APL).

New Horizons е првото и единствено вселенско летало што изврши прелет на системот на Плутон, што го направи во 2015 година. Четири години подоцна, храбрата сонда го истражуваше најоддалечениот објект што некогаш бил посетен од човечка вселенска мисија – планетезималот Арокот (Arrokoth), кој има форма на снешко и се наоѓа околу 1,6 милијарди километри зад Плутон.
Оттогаш, овој далечен вселенски истражувач ја проучува границата на влијанието на нашето Сонце и ги истражува објектите во Кајперовиот Појас, студен регион во форма на прстен исполнет со ледени тела, кој кружи околу надворешниот дел на Сончевиот Систем, зад орбитата на Нептун.
Во моментов New Horizons се оддалечува од Земјата со брзина од околу 483 милиони километри годишно. За три недели ќе започне со проучување на водородот во надворешната хелиосфера – регионот на вселената под влијание на потокот од наелектризирани честички што ги исфрла Сонцето, познат како сончев ветер.
Податоците што сондата ги собира во најоддалечените делови на Сончевиот Систем се единствени од ваков вид. Тие би можеле да им помогнат на научниците подобро да разберат што се случува на границата меѓу регионот под влијание на Сонцето и меѓуѕвездениот простор, позната како „завршен удар“ (termination shock).
Досега само две вселенски летала ја имаат поминато оваа граница – сондите Voyager на НАСА. Сепак, тие далечни истражувачи не беа опремени со истите научни инструменти како New Horizons, која може да врши значително почувствителни и попрецизни мерења на овој далечен регион од Сончевиот Систем.

