Од почетокот на март, OpenAI работеше на десктоп „супер“ апликација замислена да ги обедини ChatGPT, програмерскиот агент Codex и веб-прелистувачот Atlas. Во април компанијата ги постави темелите на овој проект, а сега го направи својот најголем чекор кон неговата реализација со претставувањето на ChatGPT Work.
OpenAI својот најнов производ го опишува како продуктивен агент за општа намена. Додека Codex е првенствено наменет за програмерски проекти, компанијата вели дека Work е создаден за да им помогне на луѓето во извршувањето на нивните најамбициозни работни задачи.
Со таа цел, ChatGPT Work ги обединува речиси сите клучни технологии на кои компанијата работеше во последните неколку месеци. Во неговата основа е новото семејство модели OpenAI GPT-5.6, чие претставување привремено беше одложено од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Повеќето корисници ќе пристапуваат до ChatGPT Work преку редизајнираната ChatGPT апликација, во која сега на едно место се обединети ChatGPT, новиот агент и Codex.

Надоврзувајќи се на мобилната интеграција за Codex, претставена во мај, ChatGPT Work воведува поддршка за закажување задачи. Тоа значи дека можете преку телефонот да му зададете задача на агентот, а тој ќе продолжи да ја извршува во позадина. Кога ќе се вратите на вашиот компјутер, неговиот напредок ќе можете да го следите преку веб-прелистувачот или десктоп апликацијата ChatGPT. Преку десктоп апликацијата, ChatGPT Work може да ги искористи своите вградени можности за управување со компјутерот за извршување задачи во вашите апликации и веб-прелистувачот, вклучително и преместување датотеки кога тоа е потребно.
Новиот обединет директориум за додатоци ви овозможува да го поврзете ChatGPT со вашите омилени апликации и алатки. При внесување на барање, доволно е да го внесете симболот „@“, а потоа името на апликацијата што сакате ChatGPT да ја користи или од која треба да преземе контекст за да го исполни вашето барање.
Четботот ќе предлага и релевантни апликации во текот на разговорот. Како дел од оваа интеграција, OpenAI истакнува дека функцијата за закажување задачи може да се искористи и за автоматизација на рутинските работи. На пример, ChatGPT може да ги прегледа вашите новости во Slack и да изготви резиме на сите пораки што сте ги добиле во текот на неделата.
„Вие и понатаму имате целосна контрола врз начинот на кој ChatGPT соработува со вас. Вие одлучувате до што може да пристапи, кога треба да ве извести и кога му е потребно вашето одобрување пред да преземе некаква активност“, порачуваат од компанијата.
Како што веќе беше најавено, редизајнираната десктоп апликација ChatGPT сега вклучува и вграден веб-прелистувач. Покрај тоа што може да презема информации од интернет-страници, четботот може и да создава веб-апликации преку функцијата наречена Sites.
„Sites е корисен кога сакате да креирате интерактивни контролни табли, алатки за следење проекти, календари за лансирање, прототипови, интерни портали и интерактивни извештаи“, објаснуваат од OpenAI.
Компанијата исто така соопшти дека планира да го укине Atlas. Џејмс Сан од OpenAI, кој работеше на Atlas, изјави дека компанијата планира да го исклучи на 9 август и најави дека дополнителни информации ќе бидат споделени во наредниот период.
OpenAI на 9 јули започна со постепено воведување на ChatGPT Work, а компанијата очекува процесот да биде завршен во текот на следните неколку часа. Доколку го користите ChatGPT преку бесплатна корисничка сметка, новиот агент можете да го испробате преку десктоп апликацијата ChatGPT за Mac и Windows. Претплатниците на пакетите Plus и Pro, пак, ќе можат да го користат ChatGPT Work и преку веб-верзијата на ChatGPT, како и преку споменатата десктоп апликација.

