Властите на Европската Унија тврдат дека „дизајнот што создава зависност“ на овие платформи го прекршува Законот за дигитални услуги.
Европската комисија во Брисел во петокот ѝ наложи на Meta да направи значајни промени во дизајнот на Instagram и Facebook со цел овие услуги да станат помалку зависнички за корисниците. Компанијата ќе мора да ги отстрани функциите како бесконечното скролање на содржината и автоматското репродуцирање видеа, да воведе нови „паузи од екранот“ и да го приспособи алгоритмот за препораки така што ќе биде помалку насочен кон задржување на вниманието на корисниците.
Наодите на Европската комисија засега се прелиминарни, а Meta има можност да одговори на обвинувањата пред да биде донесена конечната одлука. Според пресметките на The Verge, компанијата би можела да се соочи со казна до 12 милијарди долари, што претставува шест проценти од приходите на Meta за 2025 година, кои изнесувале 200,97 милијарди долари.
Зошто регулаторите сметаат дека Meta ја преминала границата?
Бриселските власти подолго време разгледуваат каде е границата помеѓу добро дизајнирана апликација што е пријатна за користење и апликација чиј дизајн поттикнува штетна зависност.
Во петокот тие заклучија дека Meta ја преминала таа граница, обвинувајќи ја компанијата дека го прекршила Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA) од 2022 година, користејќи дизајнерски решенија кои ги задржуваат корисниците, особено тинејџерите, подолго време на Instagram и Facebook.

Заштита на физичкото и менталното здравје
Регулаторите сметаат дека Meta не направила соодветна проценка на ризиците што ги носат нејзините производи, вклучувајќи го и игнорирањето на податоците за тоа колку време малолетниците поминуваат на Instagram и Facebook во текот на ноќта.
Според Комисијата, функциите како Reels и Stories поттикнуваат „прекумерно или компулсивно“ користење на платформите.
„Заштитата на физичкото и менталното здравје на Европејците мора да биде приоритет за платформите на социјалните мрежи“, изјави Хена Виркунен, извршна потпретседателка на Европската комисија задолжена за дигиталната политика.
„Законот за дигитални услуги обезбедува јасна рамка за одговорноста на платформите кога станува збор за зависничкиот дизајн и ефектите од нивните услуги. Целосно сме посветени на спроведувањето на европското законодавство“, додаде таа.
Дел од поширока истрага
Овие наоди се дел од поширока истрага против Meta, започната во мај 2024 година.
Европските власти дополнително го испитуваат и т.н. „rabbit hole“ ефект, при кој алгоритмите на младите им препорачуваат сè понегативни содржини, како што се нереални стандарди за физички изглед.
Во друг дел од истата истрага, Комисијата утврдила дека Meta го прекршила европското законодавство, како и сопствените услови за користење, бидејќи не спречила деца помлади од 13 години да користат Facebook и Instagram.
Освен во Европа, Meta има проблеми и во САД
Според The New York Times, станува збор за еден од најдиректните обиди европските власти да ја принудат технолошка компанија да направи конкретни промени во дизајнот на своите производи.
Ова е и најнов пример за поагресивниот пристап на европските регулатори кон социјалните мрежи, за кои се тврди дека намерно ги искористуваат корисниците, особено децата, за да ги задржат што подолго на платформите.
Со слични обвиненија претходно се соочи и TikTok, кој во февруари беше обвинет од Европската Унија дека користи слични техники за создавање зависност.
Во меѓувреме, се разгледуваат и нови правила што би можеле целосно да им го ограничат пристапот до социјалните мрежи на малолетниците, следејќи го примерот на Австралија.
Meta во август ќе се соочи и со судски процес во САД поради обвинувањата дека нејзините апликации намерно се дизајнирани да создаваат зависност. Четири американски сојузни држави бараат вкупни казни во висина до 1,4 билиони долари.
Забрана за младите е сè поблиску
Обвиненијата против Meta доаѓаат само неколку дена пред објавувањето на извештајот на експертската група што ја формираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а која ја разгледува можноста за ограничување или забрана на користењето социјални мрежи од страна на децата.
Експертската група треба да ги објави своите препораки во понеделник.
Фон дер Лајен уште во мај изјави:
„Мора сериозно да размислиме за одложување на пристапот до социјалните мрежи. Прашањето не е дали младите треба да имаат пристап до социјалните мрежи, туку дали социјалните мрежи треба да имаат пристап до младите.“
Најмалку десет земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција, Италија и Шпанија, веќе подготвуваат сопствени планови за ограничување или забрана на користењето социјални мрежи за малолетници, со што дополнително расте притисокот врз Европската комисија да понуди единствено решение што би важело на ниво на целата Европска Унија.

