Новите правила за користење на Google Play услугите подетално објаснуваат како системските услуги на Android работат во позадина и кога можат да користат мобилни податоци.
Многу корисници веруваат дека телефонот престанува да троши мобилни податоци веднаш штом ќе го заклучат екранот и ќе го остават уредот на страна. Сепак, Google во најновата верзија на условите за користење на Google Play услугите за првпат подетално објасни како Android телефонот работи во позадина.
Компанијата јасно наведува дека системските услуги можат да се поврзуваат на интернет и да користат мобилни податоци дури и кога корисникот во тој момент не го користи телефонот.
Google објави дека новите услови за користење на Google Play услугите ќе стапат во сила на 29 јули 2026 година. Најголемата промена се однесува на додавање подетално објаснување за поимот „системски услуги“, како и за начинот на кој тие функционираат додека Android уредот работи во позадина.

Системските услуги на Android можат да користат мобилни податоци и кога екранот е заклучен
Google наведува дека системските услуги на сертифицираните Android уреди обезбедуваат различни функции и ажурирања. Тука спаѓаат клучните системски услуги на Google, Google Play Store, Google Play Services, како и ажурирањата на оперативниот систем Android.
Бидејќи за функционирањето на овие услуги најчесто е потребна интернет-врска, тие можат слободно и непречено да користат мобилни податоци. Дел од мрежната комуникација може да се одвива во позадина, без директна активност или знаење на корисникот, вклучително и во периодите кога екранот на уредот е заклучен.
Google исто така наведува дека сите евентуални трошоци кон трети страни, како што се надоместоците на мобилниот оператор што произлегуваат од работата на системските услуги, ги сноси корисникот.
Со други зборови, компанијата сега многу појасно предупредува дека системските услуги на Google Play можат да останат поврзани на интернет и да продолжат да користат мобилни податоци дури и кога корисникот активно не го користи телефонот.
Претплатите преку Google Play ќе можат да се наплатуваат порано
За корисниците со неограничени пакети за мобилен интернет оваа промена веројатно нема да претставува поголем проблем. Но, корисниците на припејд картички и тарифни пакети со ограничена месечна количина на податоци би требало повнимателно да ја следат потрошувачката на апликациите и системските услуги што работат во позадина.
Времето на објавување на новите услови, исто така, привлече внимание во јавноста. Google неодамна во Соединетите Американски Држави се согласи да плати 135 милиони долари во рамките на судско порамнување, по обвинувањата дека Android уредите испраќале податоци до компанијата преку мобилната мрежа дури и кога не биле активно користени и без јасно знаење на корисниците.
Покрај објаснувањето за работата на системските услуги, новите услови го менуваат и времето на наплата на претплатите преку Google Play Store.
Според важечките правила, износот за периодичната претплата може да биде наплатен најрано 24 часа пред почетокот на следниот пресметковен период. Новите правила овозможуваат наплатата да се изврши до 48 часапред почетокот на новиот циклус.
Тоа значи дека автоматското обновување на претплатите преку Google Play во иднина би можело да биде наплатено еден ден порано отколку досега. Наместо најмногу 24 часа однапред, Google ќе може да ги повлече средствата најрано 48 часа пред почетокот на новиот пресметковен период.
