По новиот извештај на експерти кој открива загрижувачки податоци, Европа презема чекори за ограничување на користењето на социјалните мрежи кај децата, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција.
„Јасно е дека ни се потребни ограничувања за пристап до платформите кои ќе бидат соодветни за возраста. Овде не станува збор само за тоа дали децата можат да пристапат до социјалните мрежи, туку за тоа дали и кога социјалните мрежи можат да пристапат до нашите деца“, изјави фон дер Лајен.
Извештајот, чии автори се детскиот психолог д-р Јерг М. Фегерт и епидемиологот д-р Марија Мелкиор, открива низа алармантни статистички податоци. Децата низ Европа денес поминуваат меѓу четири и шест часа дневно на социјалните мрежи, а речиси 60 отсто од нив искусиле „тешкотии во социјално-емоционалниот развој и зголемена подложност на проблеми со менталното здравје, што резултира со проблеми со спиењето и концентрацијата, како и зголемени стапки на депресија и анксиозност“.
Како резултат на тоа, студијата препорачува Европската унија да го ограничи пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 13 години, освен ако се под надзор на родители или наставници. Исто така, се препорачува тинејџерите од 13 до 18 години да имаат пристап само до платформи кои поседуваат безбедносни функции, како ограничување на бесконечното скролање.
Дополнително, се препорачува децата помлади од три години воопшто да не користат екрани.

Европа следи примери од Австралија и други земји
Австралија беше првата земја која забрани користење на социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, а повеќе држави и територии, вклучувајќи ги Франција, Германија и Шпанија, разгледуваат воведување слични мерки.
Американската сојузна држава Флорида во 2024 година воведе забрана за користење на социјални мрежи за деца помлади од 14 години без одобрение од родителите.
Критичарите на забраната во Австралија предупредуваат дека децата лесно можат да ги заобиколат правилата со едноставно лажење за нивната возраст или користење лажни профили. Австралиската влада неодамна објави дека ќе ја удвои максималната казна за компаниите кои управуваат со социјалните мрежи и ќе го прекршат законот за минимална возраст, на околу 68 милиони американски долари.
Доколку Европа навистина усвои нов закон, тоа би било најголемата регулаторна мерка досега насочена кон ограничување на користењето на социјалните мрежи кај децата. Европската унија има околу 450 милиони жители, од кои приближно 81 милион се помлади од 18 години.
Сепак, усвојувањето на вакво законодавство ќе бара преговори и поддршка од сите 27 земји членки, што може да трае подолг период.
И покрај тоа, овој извештај може да претставува пресвртница во европскиот пристап кон ова прашање.
„Колку повеќе учиме и колку повеќе го забележуваме влијанието врз нашите деца, толку посилни стануваат аргументите за одредување минимална возраст за користење на социјалните мрежи“, изјави фон дер Лајен.
Европската комисија сега ќе го разгледа извештајот и неговите препораки, а предлог-законот се очекува да биде претставен „по летото“.

