AI паметните часовници сè повеќе се потпираат на обработка на податоци директно на уредот, а здравствените функции остануваат нивниот главен адут кај идните корисници.
Apple Watch моментално доминира на пазарот на паметни часовници со Edge AI функции, односно вештачка интелигенција која се извршува директно на уредот. Според најновиот извештај на Counterpoint Research, Apple во овој сегмент држи околу 90 отсто од пазарниот удел.
Пазарот на AI паметни часовници брзо расте. Во првиот квартал од 2026 година, глобалните испораки на модели со Edge AI можности пораснале за 70 отсто во однос на истиот период минатата година. Овие часовници сега сочинуваат околу 25 отсто од вкупниот пазар на паметни часовници, што значи дека секој четврти испорачан модел има некаков вид напредна AI обработка директно на самиот уред.
Edge AI означува обработка на податоците директно во уредот, без постојано испраќање информации до cloud сервери. Кај моделите на Apple Watch, Neural Engine може локално да обработува функции како анализа на неправилен срцев ритам, детекција на падови и други здравствени или безбедносни опции.

AI паметните часовници најмногу напредуваат преку следење на здравствените податоци
Ваквиот пристап носи неколку предности. Реакцијата може да биде побрза, потребата за пренос на податоци е помала, а приватноста на корисниците е подобро заштитена. Ова е особено важно кај здравствените информации, бидејќи станува збор за чувствителни податоци кои корисниците не сакаат секогаш да ги испраќаат надвор од уредот.
Counterpoint нагласува дека не секој часовник со AI чип автоматски е Edge AI паметен часовник. Во оваа категорија влегуваат само уреди со наменски AI копроцесор, NPU единица или Neural Engine систем, кај кои AI обработката на здравствени, безбедносни и интерактивни функции се врши директно на самиот уред.
Аналитичарката на Counterpoint, Anshika Jain, наведува дека паметните часовници добиваат сè посилен хардвер, што им овозможува побрзи здравствени анализи, подиректни одговори и подобра заштита на приватноста. Сепак, пазарот и понатаму е силно концентриран кај неколку брендови, а Apple во моментов има убедливо водечка позиција.

Најважен правец на развој остануваат здравствените функции. Според извештајот, испораките на паметни часовници со функција за следење на крвниот притисок во првиот квартал од оваа година се удвоиле во споредба со истиот период минатата година. Уште поголем раст бележи детекцијата на апнеја при спиење, односно прекините во дишењето за време на спиењето, чии испораки пораснале трипати.
Производителите сега сè повеќе вложуваат и во развој на неинвазивно следење на гликозата во крвта. Целта е со комбинирање на сензори и локална AI обработка, паметните часовници да се претворат во посериозни алатки за секојдневно следење на здравјето.

