Доколку претстојната сезона на финансиски извештаи не покаже дека огромните инвестиции во вештачката интелигенција почнуваат да носат резултати, приказната лесно би можела да се промени од „храбра инвестиција во иднината“ во „опасно преценета коцка“.
Google, Amazon, Meta, Microsoft и Oracle во изминатите пет години го удвоија износот на долгот што го презедоа за да ја финансираат изградбата на огромни центри за податоци (data centers) за потребите на вештачката интелигенција. Станува збор за вкупно 350 милијарди долари.
Сопствените средства повеќе не се доволни
Досега овие компании најголемиот дел од своите проекти ги финансираа од сопствени приходи, бидејќи развојот на софтвер и интернет-услуги не бараше големи инвестиции во физичка инфраструктура. Но, вештачката интелигенција целосно ја промени таа слика.
Центрите за податоци потребни за обука и функционирање на AI моделите се огромни, исклучително скапи и бараат употреба на најновите и најмоќни чипови на Nvidia. Поради тоа, технолошките гиганти сè почесто се задолжуваат преку кредити и обврзници, наместо инвестициите да ги покриваат исклучиво од сопствената заработка, пишува Bloomberg.

Се појавуваат првите предупредувачки знаци
Засега ова задолжување не претставува сериозен проблем, бидејќи каматите што ги плаќаат сè уште се релативно ниски во однос на нивните приходи. Сепак, кај дел од компаниите веќе се појавуваат првите знаци на притисок.
Amazon во првиот квартал од годинава, првпат по подолг период, потрошил повеќе средства отколку што остварил приходи. Во меѓувреме, долгот на Oracle пораснал до ниво што агенцијата S&P го намалила неговиот кредитен рејтинг, оценувајќи дека компанијата денес претставува поризичен должник отколку претходно.
Дополнително, кога Amazon оваа недела се обиде да обезбеди нови 25 милијарди долари преку издавање обврзници, интересот од инвеститорите бил послаб од очекуваниот, што покажува дека подготвеноста на пазарот да ја финансира AI трката има свои граници.
Големи ветувања, но сè уште без конкретна потврда
Извршните директори на овие компании, меѓу кои и Енди Џеси од Amazon и Марк Закерберг од Meta, тврдат дека огромните инвестиции се оправдани, бидејќи побарувачката за AI услуги значително ги надминува нивните сегашни капацитети.
Сепак, засега тоа останува повеќе ветување отколку докажан резултат. Акциите на Microsoft и Oracle годинава паднаа за повеќе од 20 проценти, што укажува дека инвеститорите сè уште не се убедени дека овие инвестиции наскоро ќе почнат да се исплаќаат.
Потсетување на падот на Intel
Целата ситуација потсетува на судбината на Intel – компанија која со децении доминираше на пазарот на процесори, но која се задолжи значително, го пропушти AI бумот и изгуби голем дел од својот пазарен удел.
Компанијата беше спасена со државна помош и, иронично, со инвестиција од Nvidia – компанија која Intel со години ја потценуваше, а денес е најголемиот победник во глобалната трка за вештачка интелигенција.

