Microsoft тестира нови функции со кои Android и Windows 11 ќе бидат уште подобро поврзани, вклучувајќи нов панел за телефонот, синхронизација на Clipboard и посебна апликација за пораки.
Microsoft работи на низа нови подобрувања за Windows 11 со кои паметниот телефон треба да стане уште поинтегриран дел од оперативниот систем. Компанијата планира функциите на Phone Link постепено да ги вгради директно во Windows искуството, така што поврзувањето меѓу компјутерот и телефонот ќе биде поприродно и полесно за користење.
Според информации од извори запознаени со плановите на компанијата, Microsoft тестира неколку нови функции кои ќе овозможат корисниците да пристапуваат до содржините и функциите од својот телефон без постојано да ја отвораат апликацијата Phone Link.
Една од промените се однесува на Phone Companion функцијата во Start менито на Windows 11. Новата верзија би можела да прикажува повеќе неодамнешни активности од паметниот телефон, а корисниците ќе можат да се движат низ листата директно од Start менито, без потреба да ја отвораат Phone Link апликацијата.
Дополнително, со преместување на глувчето над одредена активност, корисниците би можеле да добијат повеќе информации, како цела текстуална порака или преглед на фотографија.

Нов панел за телефонот и подобра синхронизација со Windows
Microsoft наводно тестира и нов посебен панел за паметниот телефон кој ќе биде достапен директно преку системската лента (system tray) во Windows 11. Кога телефонот е поврзан со компјутерот, ќе се појавува икона со телефон, а со нејзино активирање ќе се отвора прозорец со преглед на статусот на уредот.
Преку овој панел корисниците би можеле побрзо да пристапуваат до одредени функции, како активирање на режимот „Не вознемирувај“, вклучување вибрации, пронаоѓање на телефонот, како и директно споделување датотеки со едноставно влечење на нив кон иконата на телефонот.
Друга функција која Microsoft ја разгледува е подобрена синхронизација на Clipboard помеѓу Windows 11 и паметните телефони. Во моментов корисниците можат да ја синхронизираат само последната копирана содржина, но новиот систем би можел да овозможи целосна историја на копирани ставки достапна и на компјутерот и на телефонот.
Тоа би значело дека корисниците ќе можат да копираат повеќе текстови, линкови или други содржини на еден уред и подоцна да им пристапат од другиот.

Windows 11 добива нова Messages апликација
Microsoft исто така развива нова самостојна Messages апликација за Windows 11, која ќе овозможи синхронизација на SMS разговорите од телефонот. Наместо функцијата да биде дел од Phone Link, таа би функционирала како посебна апликација која може да се стартува од Start менито.
Новата апликација би им овозможила на корисниците да ги читаат и одговараат на пораките, како и да започнуваат нови разговори директно од компјутерот.
Иако овие функции сè уште се во фаза на тестирање и не е сигурно кога или дали ќе бидат достапни за сите корисници, јасно е дека Microsoft има план дополнително да го поврзе Windows со мобилните уреди.
Во последниот период компанијата веќе воведе неколку функции кои ја намалуваат потребата од користење на Phone Link како посебна апликација, како можноста за пристап до фотографии и датотеки од телефонот преку File Explorer или користење на камерата од паметниот телефон како веб-камера за компјутер.
Целта на Microsoft е телефонот да стане природно продолжение на Windows компјутерот, со искуство во кое двата уреди работат заедно без прекини – слично на интеграцијата која корисниците веќе ја имаат во екосистемите на Apple и Google.

