Нови парчиња вселенски отпад, со големина од само пет сантиметри, го преплавуваат вредниот орбитален простор во кој се наоѓаат некои од најскапите сателити, покажува ново истражување.
Истражувачи од Универзитетот Ворвик во Велика Британија откриле дека геостационарната орбита – регион од вселената на височина од околу 36.000 километри – е преполна со опасни, досега непознати фрагменти од вселенски отпад кои би можеле да уништат сателити.
Геостационарната орбита е исклучително специфична. Сателитите на оваа височина кружат околу Земјата синхронизирано со ротацијата на планетата, поради што изгледаат како постојано да мируваат над една точка на екваторот. Сателит поставен во геостационарната орбита има постојан поглед кон голем дел од површината на Земјата. Оваа карактеристика со децении се користи за телевизиско емитување, обезбедување интернет, набљудување на Земјата и следење на временските услови. Сепак, се покажува дека овие сателити можеби и не се толку безбедни на таа локација.
„Вселенскиот отпад во геосинхроната орбита претставува потенцијално минско поле. Никој разумен човек не би влегол во копнено минско поле без детектор за мини. На ист начин, никој разумен човек не би требало да лансира сателит во GEO орбита без соодветна проверка за присуство на вселенски отпад“, изјави Стјуарт Ивс, коавтор на студијата и вселенски консултант во компанијата SJE Space.
Истражувачите го откриле досега невидливиот отпад со повторна анализа на податоци од претходно истражување за вселенскиот отпад, спроведено со помош на телескопот Isaac Newton со пречник од 2,54 метри, лоциран на островот Ла Палма на Канарските Острови. Податоците биле обработени со нови алгоритми за анализа на слики, кои овозможиле разликување на помали и многу послаби фрагменти отколку што било можно досега во далечната геостационарна орбита.
„Техниката на слепо наслагување (blind stacking) е многу моќен метод за подобрување на чувствителноста на астрономските податоци. Таа подразбира тестирање на голем број можни патеки по кои би можеле да се движат скриените објекти низ серија снимки и нивно комбинирање за тие објекти да се издвојат од позадинскиот шум. Овој проект покажува успешна примена на методот во реални услови“, изјави Бен Кук, истражувач во Центарот за свесност за вселенскиот домен при Универзитетот Ворвик и коавтор на трудот.

Истражувачите пронашле 25 претходно незабележани траги од вселенски отпад на снимките, при што 80 проценти од нив потекнувале од претходно непознати објекти. Ова откритие е загрижувачко затоа што вселенскиот отпад на толку голема височина се однесува поинаку од оној што кружи поблиску до Земјата. На височина од 36.000 километри речиси и да нема атмосфера, што значи дека нема отпор на воздухот кој би го забавил отпадот, би го насочил кон атмосферата и би овозможил да изгори.
„Отпадот во близина на геостационарниот појас е особено загрижувачки. Тој се наоѓа многу далеку, далеку над Земјината атмосфера, поради што малите објекти се исклучително слаби и тешко се откриваат, а секој отпад што ќе се создаде таму ќе остане практично неограничено долго време“, рече Џејмс Блејк, исто така истражувач на Универзитетот Ворвик и коавтор на студијата.
Додека орбитите поблиску до Земјата природно се расчистуваат бидејќи преостанатиот воздух на тие височини постепено ги забавува фрагментите од отпад, на поголемите височини концентрацијата на такви фрагменти постојано ќе расте, што ќе го направи овој простор сè потежок за користење.
Дополнително, сателитите што се наоѓаат во оваа единствена орбитална зона обично се многу големи и скапи, а се проектирани за значително подолги мисии од сателитите што ги сочинуваат мегаконстелациите во ниската Земјина орбита. Овие сателити, кои често имаат соларни панели со должина од 30 метри или повеќе, можат да претрпат сериозни оштетувања дури и при судир со најмалите парчиња отпад.
„Парчињата вселенски отпад можат да се движат со многу големи релативни брзини, дури и неколку километри во секунда. Енергијата при таквите судири е огромна, па дури и многу мали фрагменти можат да предизвикаат сериозна штета на исклучително скапите сателити. Затоа и најмалите честички се навистина важни“, изјави Блејк.
Истражувачите сега планираат да анализираат дополнителни снимки добиени од други телескопи ширум светот, со цел да добијат поцелосна слика за размерите на загадувањето со вселенски отпад во оваа орбитална област.
Студијата беше објавена во научното списание Journal of Astronautical Sciences во јуни.

