Google го редизајнираше Google Images, 25 години по неговото лансирање, односно 26 години откако фустанот на Џенифер Лопез, дизајниран од Versace, ја инспирираше неговата појава.
Интерфејсот на Google Images не изгледа значително поразлично од актуелниот дизајн, но од компанијата велат дека резултатите што ќе ги гледаат корисниците во новата верзија ќе бидат „ажурирани во реално време“ и „интелигентно прилагодени на нивните уникатни интереси“.
Корисниците и понатаму ќе можат да зачувуваат слики во своите колекции така што ќе кликнат на одредена фотографија, потоа на менито со трите точки над неа и ќе ја изберат опцијата за зачувување. Откако ќе додадат слики, тие ќе се појавуваат како картички над главната галерија, овозможувајќи им лесно да се вратат и да продолжат со пребарувањето на слични резултати. На врвот на страницата „Saved“ сега има две картички – една за колекциите на корисникот и друга за сите резултати од пребарувањето на слики, што овозможува брзо префрлување помеѓу двата прикази.
Новата, „поинтелигентна“ верзија на Google Images во наредните недели ќе биде достапна на десктоп компјутери во САД, на англиски јазик. За зачувување на слики во колекциите, корисниците ќе мора да бидат најавени на својата Google сметка.

Во текот на следните недели Google ќе воведе и можност за генерирање слики со помош на текстуален опис директно во пребарувањето. Компанијата го интегрира својот AI-генератор на слики Nano Banana во AI Overviews, што ќе им овозможи на корисниците да креираат слики без да ја напуштат страницата за пребарување. Оваа функција ќе биде достапна во сите региони кои веќе поддржуваат генерирање слики во AI Mode. Сепак, корисниците кои не сакаат да ги гледаат AI Overviews во Google Search ќе можат да ја исклучат оваа функција.
Во својата нова објава Google накратко се навраќа и на историјата на Google Images. Компанијата потсетува дека легендарниот зелен фустан на Џенифер Лопез од Versace, кој таа го носеше на 42. доделување на наградите Гремина почетокот на 2000 година, предизвика огромен интерес кај јавноста и му покажа на Google дека класичните резултати од пребарување во форма на линкови повеќе не се доволни.
„Луѓето не сакаа само да читаат за тој фустан – сакаа и да го видат“, велат од Google. Токму затоа компанијата го осмисли интерфејсот на Google Images и го претстави во јули 2001 година.

