Одобрувањето на Apple Intelligence е помалку пробив, а повеќе излез од ситуација во која компанијата на еден од своите најважни пазари продаваше уред со исклучена функција која глобално ја користеше како причина за купување.
Кинеската управа за кибернетички простор (CAC), регулаторното тело задолжено за интернетот, во среда објави одлука со која го потврди одобрувањето на Apple Intelligence – пакет функции за сумирање е-пошта, креирање нацрти на документи, обработка на фотографии и слични задачи.
Претставник на Alibaba потврди за South China Morning Post дека големиот јазичен модел Qwen ќе биде интегриран во Apple Intelligence во рамки на iOS, iPadOS, macOS и visionOS за корисниците во Кина.
Лиценцата е доделена заедно со уште шест услуги со вештачка интелигенција наменети за паметни телефони. Покрај Apple Intelligence, на листата се наоѓа и Galaxy AI на Samsung.

Останатите пет одобренија им припаднаа на домашни производители: Huawei, Oppo, Vivo, Xiaomi и ZTE, чија услуга се потпира на ByteDance како партнер.
Според официјалното соопштение, лиценцата се однесува исклучиво на iPhone. Не е наведено дали Apple Intelligence ќе биде дозволен и на другите уреди што Apple ги продава во Кина, како што се iPad и Mac компјутерите.
Пазар кој не може да се игнорира
Кина за Apple не е само уште еден продажен регион. Земјата со години е трет најголем извор на приходи за компанијата, по Америка и Европа, со удел од околу 15 проценти од вкупните приходи.
Дополнително, Кина е местото каде што, преку Foxconn и синџирот на добавувачи што Apple го гради веќе три децении, се произведува најголемиот дел од уредите што се продаваат низ целиот свет.
Затоа, заостанувањето од две години во испораката на функција која конкуренцијата ја рекламира како клучна разлика меѓу генерациите не беше технички, туку пазарен проблем. Во меѓувреме, Huawei, Xiaomi и Vivo продаваа телефони со домашни модели на вештачка интелигенција без ниту еден ден чекање на регулаторно одобрение.

