AI четботот на Spotify може да препорачува музика, да објаснува песни и албуми, како и да одговара на прашања поврзани со подкасти и аудиокниги. Засега е достапен во бета верзија за Premium корисниците на одбрани пазари.
Spotify претстави нова AI функционалност која им овозможува на корисниците да разговараат со апликацијата преку вграден четбот. Новата можност е достапна во почетниот екран и во приказот Now Playing, а во моментов е наменета исклучиво за корисниците на мобилната апликација.
За разлика од досегашните гласовни команди, новиот AI четбот поддржува природен начин на разговор. Корисниците можат да поставуваат прашања со глас или со пишување, да бараат препораки за нова музика, да ја истражуваат сопствената историја на слушање или да дознаат повеќе за изведувачи, албуми, подкасти и аудиокниги.

Spotify наведува дека четботот може да ја објасни позадината на создавањето на одредена песна, да каже на кој жанр му припаѓа, кога е објавен некој албум или да препорача слични изведувачи. За време на репродукцијата, корисниците можат дополнително да ги приспособуваат препораките, а четботот може да зачувува песни, да ги додава во редот за репродукција и да следи изведувачи врз основа на барањата на корисникот. Исто така, може да ги анализира навиките за слушање и да одговара на прашања поврзани со музичкиот вкус на корисникот.
Новата функционалност моментално се воведува во бета верзија на англиски јазик за Premium корисници постари од 18 години во САД, Ирска и Шведска, на уреди со Android и iOS. Spotify засега не открива колку долго ќе трае бета-тестирањето, ниту кога AI четботот ќе стане достапен и на останатите пазари.

