Google Play во САД првпат ќе дозволи присуство на други продавници за апликации, како последица од спорот со Epic Games.
Продавницата за софтвер и апликации Google Play за Android уредите влегува во една од најголемите промени од своето постоење. Google првпат ќе дозволи други продавници за апликации да бидат присутни директно во рамки на Google Play, но засега само на пазарот на Соединети Американски Држави.
Целата приказна произлегува од антимонополската тужба што Epic Games ја покрена против Google. Американски суд во 2024 година пресуди дека Google мора да го отвори Google Play и да им овозможи на конкурентските продавници за апликации да бидат присутни во рамки на платформата.
Google долго време се спротивставуваше на таа одлука, а потоа постигна спогодба со Epic Games вредна 800 милиони долари, која првично можеше да му овозможи да избегне голема реформа на Google Play.
Меѓутоа, во најновиот развој на настаните дојде до пресврт. Google и Epic Games заеднички го повлекоа тој договор, што значи дека Google сепак ќе мора да ја почитува првичната судска одлука и да им овозможи на другите продавници за апликации пристап во рамки на Google Play.

Google Play во САД воведува модел „продавница во продавница“
Портпаролот на Google, Ден Џексон, изјави дека двете страни се согласиле да го повлечат барањето за измена на американската судска забрана, за дополнително да не се продолжува неизвесноста за целиот екосистем.
Според него, Google сега може да се фокусира на најавените промени во деловниот модел, поголем избор на продавници за апликации, пониски цени и повеќе можности за програмерите и корисниците.
Според планот на Google, од 22 јули 2026 година американската верзија на Google Play официјално ќе поддржува присуство на други продавници за апликации.
Google веќе почнал да ги известува американските програмери дека нивните апликации и игри стандардно ќе бидат вклучени и во понудата на други продавници. Доколку програмерите не го сакаат тоа, ќе треба сами да ја изберат опцијата за исклучување.
Google истовремено ја воведува програмата Play Catalog Access Program — програма за пристап до каталогот на апликации на Google Play.
Преку неа, другите продавници ќе можат да поднесат барање за пристап, но за тоа ќе треба да плаќаат годишна такса од 5.000 долари на Google.
Во моментов сè уште не е целосно јасно како новиот систем ќе функционира во пракса. Се очекува Google да објави повеќе детали како што ќе се приближува официјалниот почеток на промените.
Важно е да се нагласи дека оваа судска одлука се однесува само на Соединетите Американски Држави. Тоа значи дека Google Play во САД ќе добие нов модел „продавница во продавница“, додека останатите пазари засега ќе продолжат да функционираат според досегашните правила.

