Големите растојанија што ги поминал одронетиот материјал значат дека свлечиштата на Плутон се меѓу најподвижните во Сончевиот систем, што е последица на слабата гравитација и ледениот материјал со мало триење.
Траги од свлечишта се пронајдени на снимките од површината на Плутон што ги направи мисијата New Horizons кога во 2015 година прелета покрај џуџестата планета. Свлечиштата се доказ дека овој леден свет и понатаму е активен, иако промените се одвиваат на геолошки временски скали.
Тим предводен од геологот Марко Емануеле Дисченца детално ги проучувал снимките направени со инструментот LORRI (Long-Range Reconnaissance Imager) на леталото New Horizons, кој бил способен да открие површински структури со големина од само 300 метри.
Тие пронашле убедливи докази за вкупно шест свлечишта што се случиле долж внатрешните ѕидови на три кратери на западниот раб на Sputnik Planitia, областа во форма на срце што го карактеризира изгледот на Плутон.
Претходно, геолошки структури настанати како последица на свлечишта биле пронајдени на бројни тела во Сончевиот систем, вклучувајќи го Марс, Церера во астероидниот појас, некои ледени месечини на гасовитите планети, па дури и Харон, придружникот на Плутон.
Сепак, ова се првите свлечишта пронајдени на Плутон.
Свлечиште што се протегало на 2,2 километри е идентификувано во кратерот Coughlin на Плутон, односно во близина на секундарен кратер на работ на Coughlin, кој можеби првично го активирал свлечиштето.
Уште две структури настанати од свлечишта биле забележани во кратерот Giclas, додека уште три биле пронајдени во трет кратер на кој сè уште не му е доделено име.

Свлечиштата можеле да се препознаат по големите наслаги од одронет материјал што се ширеле по дното на кратерите, при што материјалот поминал растојанија од 10,1 до 14,5 километри.
Некои од овие наслаги изгледале нерамно, како да содржат големи блокови цврст мраз, додека областите околу местата каде што започнале свлечиштата имаат јасно обликувани вдлабнати карпи од кои материјалот се одвоил и се урнал по стрмните ѕидови на кратерите.
Големите растојанија што ги поминал материјалот значат дека свлечиштата на Плутон се меѓу најподвижните во Сончевиот систем, што е последица на слабата гравитација и ледените одрони со мало триење.
Најголемата наслага од одронет материјал се протега на површина од 130 квадратни километри, што би било доволно големо за да затрупа мал град или голема населба.
Свлечиштата се важни процеси во обликувањето на површините на планетите бидејќи овозможуваат пренос на материјал на големи растојанија. Сепак, причината за свлечиштата на Плутон сè уште не е целосно јасна. Иако се чини дека свлечиштето во кратерот Coughlin го предизвикал помал удар во близина, потеклото на останатите пет свлечишта е помалку сигурно.
Една од можностите се топлинските напрегања во површинскиот мраз, предизвикани од благи промени на температурата што доведуваат до тоа испарливите материјали на Плутон, меѓу кои молекуларниот азот, јаглерод моноксидот и метанот, периодично да преминуваат од цврста состојба директно во гасовита (сублимација), а потоа повторно да кондензираат.
Овие температурни промени се последица на тоа што Плутон благо се загрева и се лади додека неговата елиптична орбита доведува до тоа периодично малку да се приближува до Сонцето, влегувајќи во внатрешноста на орбитата на Нептун, а потоа повторно да се оддалечува.
Постојат и докази за уште поголем број свлечишта во други кратери, но снимањето на површината на Плутон за време на мисијата New Horizons било ограничено бидејќи леталото со голема брзина прелетало покрај него на 4 јули 2015 година, па недостасуваат снимки потребни за потврда на овие други свлечишта.

