Генералното собрание на Central European Fair Alliance (CEFA) успешно се одржа во Клагенфурт, Австрија, во просториите на Kärntner Messen, на 25ти и 26ти јуни оваа година.
На состанокот беа присутни членките на CEFA – Централно-европската саемска асоцијација со целотворена размена на мислења за актуелната состојба во саемската индустрија, нејзините предизвици, можности и идни перспективи. Во текот на Генералното собрание, членките ги претставија своите најнови активности, претстојните саеми, новите проекти, инфраструктурните планови, тековните активности и своите стратешки приоритети, уште еднаш потврдувајќи ја важноста на регионалната соработка и размената на знаење во рамките на мрежата на CEFA.
Претставувајќи го Скопски саем на ова Генерално собрание, Даниела Глигоровска, член на ЦЕФА од 2009 година, ги претстави најновите активности и подготовки за одржување на деловни саеми во Скопје во втората половина од 2026 и стратешките приоритети во 2027 година, како и улогата на CEFA како вредна платформа за регионална соработка, размена на знаења и посилна видливост на саемската индустрија.
Еден од најзначајните моменти на Генералното собрание беше едногласниот избор на г. Никола Банковиќ, генерален директор на Белградски саем, за нов претседател на CEFA. Во текот на неговиот мандат, Белградскиот саем ќе биде домаќин на следното Генерално собрание на CEFA во Белград, во рамките на EXPO 2027 Belgrade, што претставува значајна пресвртница за Алијансата и нејзиното присуство во поширокиот регионален саемски сектор.

Членовите, исто така, едногласно го прифатија г. Емил Куцковиќ, генерален директор на Poslovne Novine од Босна и Херцеговина, како придружен член на CEFA. Во оваа насока, Генералното собрание едногласно одлучи следниот состанок на Управниот комитет (Steering Committee) на CEFA, планиран за октомври 2026 година, да се одржи во Босна и Херцеговина, во организација на новиот придружен член.
Генералното собрание му оддаде и посебно признание на досегашниот претседател на CEFA, д-р Киријакос Позрикидис, изразувајќи благодарност за неговото лидерство, посветеност и долгогодишен придонес кон развојот на Алијансата. Како признание за неговата исклучителна работа и трајниот придонес кон CEFA, прогласен е за Почесен претседател на CEFA. Генералното собрание воедно го одбележа и првото учество на г. Андреас Мавромматис како нов генерален директор на TIF-HELEXPO, кој го наследи д-р Киријакос Позрикидис. Тој имаше можност активно да учествува во дискусиите на Алијансата.
Со одлуките донесени во Клагенфурт, CEFA уште еднаш ја потврди својата посветеност на продлабочување на соработката меѓу организаторите на саеми, зајакнување на регионалната видливост и воспоставување координиран пристап кон идниот развој на саемската индустрија во Централна и Југоисточна Европа.

За CEFA
Central European Fair Alliance (CEFA) е регионална мрежа на сопственици и организатори на саеми, посветена на соработка, размена на експертиза и промоција на саемската индустрија во Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Повеќе информации: https://www.cefa-org.com

