Социјалната мрежа Threads воведува нови функции кои ќе им овозможат на родителите и старателите да го надгледуваат однесувањето на своите тинејџери на оваа платформа.
Функцијата Parental Supervision нуди увид во времето што тинејџерот го поминува користејќи ја апликацијата, како и можност за поставување временски ограничувања и одредување часови за режим на спиење. Исто така, им овозможува на старателите да постават ограничувања во врска со ознаките (tags) што тинејџерот може да ги гледа и да воведат дополнителни ограничувања за поставките за приватност и содржината.
Алатките за Parental Supervision се осмислени како дополнување на другите вградени ограничувања кои се применуваат на сите тинејџерски профили на Threads. Возрасните ќе можат да пристапат до оваа функција за Threads кога следната недела ќе започне нејзиното постепено воведување во Meta Family Center.

Meta веќе долго време, уште од периодот пред да го промени името од „Facebook“ во „Meta“, се обидува да пронајде начин децата да ги користат нејзините производи на релативно безбеден начин. Меѓу неодамнешните потези се споделувањето на темите за кои тинејџерите разговараат со Meta AI со нивните старатели, како и ограничувањето на повторената изложеност на потенцијално штетна содржина на Instagram.

