Глобалниот PC пазар падна за 4% во вториот квартал од 2026 година, додека Apple бележи двоцифрен раст благодарение на MacBook Neo
Глобалниот PC пазар го прекина низот од пет последователни квартали на раст. Според најновиот извештај на Counterpoint Research, во вториот квартал од 2026 година биле испорачани околу 65 милиони компјутери, што претставува пад од 4% во однос на истиот период минатата година. Тоа воедно е и првиот годишен пад уште од првиот квартал на 2025 година.
Повеќе големи производители забележаа послаби резултати, но Apple се издвои како најпозитивен пример. Благодарение на лансирањето на серијата MacBook Neo, испораките на компанијата пораснаа за 13% на годишно ниво, што е најдобар резултат меѓу водечките брендови.
Counterpoint наведува дека континуираниот раст на цените на меморијата ги зголемува вкупните трошоци за компонентите и веќе влијае врз синџирот на снабдување со PC уреди, но и врз побарувачката на пазарот. Поради тоа, производителите не ги менуваат само цените на уредите, туку ги приспособуваат и спецификациите и структурата на понудата со цел да го ублажат притисокот врз трошоците и да ја заштитат профитабилноста.

Глобалниот PC пазар под притисок на скапата меморија и дополнителната претпазливост на купувачите
Lenovo и понатаму е водечки производител на глобалниот PC пазар, со пазарен удел од 25,6%. Сепак, испораките на компанијата паднаа за 2% во однос на претходниот квартал. HP, кој се наоѓа на второто место, забележа годишен пад на испораките од 8%, додека Dell, кој е трет, падна за 6%, главно под притисок на зголемените трошоци.
Apple, од друга страна, забележа раст од 13%, додека ASUS, кој агресивно инвестира во сегментот на AI PC компјутери, оствари годишен раст од 4%. На тој начин, овие два бренда успеаја да се издвoјат во момент кога поголемиот дел од пазарот ги трпи последиците од поскапите компоненти и послабата потрошувачка побарувачка.
Counterpoint оценува дека деловниот сегмент и понатаму е релативно стабилен, бидејќи го поддржуваат бранот замена на Windows компјутерите и воведувањето на AI PC моделите. Компаниите продолжуваат со обновување на своите компјутерски флоти и преминување кон понови платформи, па побарувачката во овој дел од пазарот е поотпорна.
Потрошувачкиот пазар, сепак, е значително почувствителен на цените. Кога растат трошоците за меморијата и другите компоненти, производителите потешко ги задржуваат пристапните цени, а обичните купувачи полесно ја одложуваат набавката на нов компјутер.
Доколку цените на меморијата и другите делови останат високи, PC брендовите веројатно уште посилно ќе ги туркаат поскапите модели со поголема додадена вредност, особено AI PC уредите. Опоравувањето на поширокиот потрошувачки пазар пред сè ќе зависи од тоа дали трошоците за компонентите ќе се стабилизираат.

