Новите преклопни телефони на Samsung се меѓу првите уреди што го добиваат надградениот Android Switch, кој значително го олеснува преминот од iPhone на Android.
Google објави дека надградената алатка Android Switch за премин од iPhone на Android сега е достапна на најновите преклопни телефони на Samsung – Galaxy Z Fold 8, Galaxy Z Fold 8 Ultra и Galaxy Z Flip 8.
Станува збор за подобрена верзија на алатката, претставена за време на овогодинешниот Android Show: I/O Edition, која на корисниците им овозможува полесно пренесување податоци од iPhone на уреди што користат Android 17.

Освен на новите преклопни телефони на Samsung, надградениот Android Switch постепено пристигнува и на уредите Pixel 8, Pixel 9 и Pixel 10 со Android 17. Google наведува дека корисниците на Pixel 6 и Pixel 7 нема да ја добијат новата верзија на алатката, додека поддршката за дополнителни Android уреди ќе биде воведена во текот на следните месеци.
Инаку, новата верзија на Android Switch поддржува пренос на значително поширок спектар податоци од досега. Покрај Google профилот, можно е да се пренесат лозинки и клучеви за пристап (passkeys), податоци од апликациите, зачувани Wi-Fi мрежи, аларми, поставки на уредот, распоредот на почетниот екран, историјата на разговорите во iMessage, гласовни белешки, eSIM профили, историјата на разговорите во WhatsApp, како и други кориснички податоци.

