Популарната апликација за допишување носи нови функционалности, меѓу кои се отворање профил на iPad, подобрен интерфејс за автомобили, уредување PDF-документи и споделување музика во статусите.
Од Meta објавија воведување нови можности во својата комуникациска апликација WhatsApp, со цел полесна интеграција со останатите апликации и уреди што корисниците секојдневно ги користат. Една од клучните новини се однесува на корисниците на iPad. По минатогодишното претставување на WhatsApp за iPad, сега е овозможено директно регистрирање и креирање профил на самиот таблет, без потреба од поврзување со паметен телефон.
Покрај промените кај таблетите, подобрено е и искуството во автомобилите преку системите CarPlay и Android Auto. Корисниците сега можат да ги слушаат и да одговараат на пораките, да упатуваат повици, да ја прегледуваат историјата на повици и да пристапуваат до омилените контакти – сето тоа директно од екранот во автомобилот, без потреба да посегнуваат по телефонот.

Подобрени се и функционалностите за работа со документи. Така, корисниците сега на десктоп-верзијата можат да отвораат PDF-датотеки директно во разговорот, без претходно да ги преземаат. Благодарение на интеграцијата со алатката Adobe Acrobat, овозможени се и помали измени, како означување и додавање белешки во самиот разговор.
Последната новина се однесува на изразувањето преку WhatsApp Status. Во рамки на оваа функција сега е овозможено едноставно споделување песни директно од апликациите Apple Music или Spotify со само неколку допири (ако WhatsApp Status воопшто ви значи нешто во животот).
Од компанијата наведуваат дека постепеното воведување на сите наведени можности веќе започна, па се очекува тие да пристигнат и на нашиот пазар во следните неколку дена.

