Компанијата Microsoft тестира начин кој ќе им овозможи на корисниците бесплатно да стримуваат одредени игри што ги поседуваат.
Наместо да плаќаат претплата за Game Pass за пристап до функциите на cloud гејмингот, членовите на програмата Xbox Insiders ќе можат да стримуваат избрани игри од своите библиотеки без дополнителни трошоци. Единствено, претходно ќе мора да погледнат неколку реклами.
Сепак, овие cloud гејминг сесии со реклами ќе имаат временско ограничување од еден час, исто како и на сервисот GeForce Now. Microsoft соопшти дека тестот ќе биде достапен ограничено време. Компанијата нагласи дека рекламите нема да го прекинуваат играњето и дека „ги одржува рекламите на исто ниво на квалитет како и сопствената содржина“. Исто така, ќе се погрижи „рекламите да одговараат на она што гејмерите го очекуваат на секоја платформа“. Да потсетиме, уште минатата година беше објавено дека Xbox развива cloud гејминг услуга со поддршка за реклами.

Microsoft оваа иницијатива ја претставува како начин да „им овозможи на поголем број луѓе попристапни начини за играње“, само неколку дена откако повторно ги зголеми цените на Xbox конзолите. Компанијата во последните неколку години ги зголемуваше и цените на претплатите за Game Pass, иако пред неколку месеци делумно се откажа од дел од тие поскапувања.
Раководителите на Xbox неодамна изјавија дека одделот работи со многу ниски профитни маржи и дека таквата ситуација не можела да продолжи. Xbox укинува околу 3.200 работни места во рамки на реорганизација која вклучува продажба на одредени студија и, според извештаите, откажување на развојот на некои игри, додека компанијата повторно се фокусира на своите најголеми франшизи. Сето тоа има за цел подобрување на финансиските резултати на Xbox. Опцијата за стримување со поддршка од реклами би можела до одреден степен да придонесе кон тоа.
Microsoft го најави овој тест истиот ден кога Amazon започна да ја интегрира својата cloud гејминг услуга Luna во апликацијата Prime Video.

