Xiaomi годинава би можел да ја прошири достапноста на Pro моделите надвор од Кина, а меѓу наведените пазари е и Европа.
Xiaomi 17 Pro и Xiaomi 17 Pro Max минатата година беа претставени во Кина, но никогаш не пристигнаа на останатите пазари. Сепак, според нов извештај, ситуацијата годинава би можела да се промени.
Имено, наводно Xiaomi 18 Pro нема да остане ексклузивен за кинескиот пазар, туку би требало да биде претставен и во Европа, Турција, Русија, Тајван и Јапонија. Ако се прашувате што ќе се случи со Pro Max моделот, тој воопшто не се споменува, што значи дека Xiaomi нема да го донесе на пазарите надвор од Кина или, пак, воопшто нема да го претстави.

Што се однесува до спецификациите, Xiaomi 18 Pro би требало да го придвижува сè уште непредставениот Snapdragon 8 Elite Gen 6 Pro, додека фотографскиот систем би можел да вклучува два SmartSens сензори со резолуција од 200 MP. Главната камера наводно ќе користи голем сензор со формат 1/1,28 инчи. Се очекуваат и подобрени звучници, посилен вибрационен мотор, како и батерија со капацитет од најмалку 7.000 mAh. Уредот би требало да поддржува жично полнење со моќност од 100 W, како и безжично полнење.
Повеќе информации би требало да бидат познати во следните недели. Претставувањето на новите премиум модели на Xiaomi се очекува оваа есен.

