Nothing навистина ќе отпушти дел од вработените, но тврди дека нема да го прекине работењето на ниту еден пазар
Nothing потврди дека спроведува реорганизација на работењето, која вклучува и отпуштање на дел од вработените, но ги отфрли наводите дека поради падот на испораките планира да се повлече од 12 глобални пазари.
На објавите во медиумите реагираше коосновачот на компанијата, Акис Евангелидис, кој тврдењата за повлекување ги нарече лажни вести. Тој истакна дека објавените бројки за отпуштањата се значително претерани и дека Nothing не планира да го прекине работењето на ниту еден пазар. Тој исто така наведе дека неодамна претставениот Phone (4b) поставил продажен рекорд во својот ценовен сегмент.

„Лажни вести… Не се повлекуваме од ниту еден пазар. Се шират неточни информации. Phone (4b) беше продаден во 29.537 примероци само во првиот ден, со што ги урна рекордите во својот ценовен сегмент“, соопшти Евангелидис.
Според неговите зборови, Nothing наместо повлекување од неколку пазари ги обединува своите активности во регионални центри со цел да го поедностави работењето. Nothing исто така основа нова деловна единица насочена кон развој на производи и услуги базирани на вештачка интелигенција.
„Овие промени влијаеја врз одредени работни места. Иако поради регулаторните обврски и консултативните процеси кои сè уште се во тек на локалните пазари не можеме да споделиме конкретни детали, објавените бројки се во голема мера претерани. Ги повикуваме медиумите да се придржуваат до известување засновано на факти и новинарски интегритет“, истакна коосновачот на Nothing.

