Hisense стана првиот производител кој започна со испорака на софтверско ажурирање за Dolby Vision 2, па погледнете што сè носи новиот стандард.
Додека трката за примат во квалитетот на приказот кај паметните телевизори станува сè пожестока, кинескиот производител Hisense направи неочекуван и стратешки важен потег. Во соработка со компанијата Dolby Laboratories, Hisense официјално започна со глобална дистрибуција на софтверско ажурирање кое го активира новиот стандард Dolby Vision 2 на одбрани модели телевизори.
Со тоа, брендот стана првиот во светот кој од најави премина на конкретна реализација, оставајќи ги традиционалните гиганти на пазарот во сенка.
Сопствениците на компатибилните телевизори дури и не мора да чекаат да пристигнат првите филмови или серии снимени во новиот формат за да ги почувствуваат подобрувањата. Благодарение на новиот систем за обработка на сликата и паметната анализа на содржината, ажурирањето веднаш го подобрува квалитетот на целата постоечка Dolby Vision библиотека.
Дополнително, со интеграцијата на напредниот чип MediaTek Pentonic 800, Hisense успеа да ги претекне конкурентите кои одлучија целосно да ја прескокнат поддршката за Dolby Vision 2 во текот на оваа година. За разлика од Sony и LG, Samsung продолжува да го игнорира Dolby форматот во корист на HDR10+.

Што носи поддршката за Dolby Vision 2 на Hisense?
Новиот софтвер го носи понапредниот пакет Dolby Vision 2 Max на водечките модели на Hisense со платформите Google TV и Vidaa OS.
Поддржани се сериите UX, UR9, UR8 и U7, односно U7 Pro на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Јужна Америка.
Овој режим ги воведува функциите Authentic Motion, за прикажување на движењето според оригиналната замисла на режисерот, Light Sense 2, за динамично прилагодување на осветлувањето според условите во просторијата, како и Pro опциите за прецизно подесување на сликата.
Овој потег претставува значаен адут за Hisense во борбата за самиот врв на премиум сегментот. Додека конкурентите како TCL и Philips планираат ажурирања дури кон крајот на годината, Hisense веќе обезбеди почетна предност кај корисниците на стриминг-платформи кои официјално ја потврдија поддршката за новиот стандард, заклучува FlatPanelsHD.

