Кинески истражувачи го потврдија постоењето на glueball честичката по 15 години експерименти и речиси пет децении потрага
Кинески научници за првпат го потврдија постоењето на glueball честичка, целосно нов облик на материја, соопшти Институтот за физика на високите енергии при Кинеската академија на науките. До резултатот се дошло по 15 години експериментални истражувања, а истражувачите го опишуваат како најјасен доказ за постоењето на glueball честичката во речиси петдецениската потрага по неа.
Откритието е остварено во рамките на меѓународната соработка на експериментот Beijing Spectrometer III, односно BESIII, предводена од кинески истражувачи.
Атомските јадра во природата се составени од протони и неутрони, кои пак се изградени од кваркови. Глуоните ја пренесуваат силната нуклеарна сила меѓу кварковите. Стандардниот модел на физиката на честички предвидува дека глуоните можат меѓусебно да се привлекуваат и да се поврзат во целосно нов вид честичка, позната како glueball. Сепак, таквата честичка досега не беше потврдена експериментално.

Истражувачкиот тим уште во 2011 година, користејќи го BESIII експериментот на Beijing Electron Positron Collider, открил нова честичка со ознака X(2370). Во текот на 2024 година биле измерени нејзините квантни својства и било утврдено дека тие одговараат на карактеристиките што се очекуваат од glueball честичка.
Glueball е потврдена преку анализа на нови начини на распаѓање на честичката X(2370)
Во најновото истражување, тимот открил повеќе нови начини на распаѓање на честичката X(2370) и успешно го утврдил нејзиното „flavor-singlet“ својство. Истражувачите наведуваат дека токму тоа е најважната карактеристика што ја разликува glueball честичката од обичните честички.

Врз основа на овие резултати, заклучено е дека доминантната компонента на X(2370) е токму glueball честичката. Со тоа е добиена потврда на теоретското предвидување според кое глуоните можат меѓусебно да се поврзат и да формираат нов вид материја.
Истражувачите истакнуваат дека ова е најјасниот експериментален резултат во потрагата по glueball честички во последните речиси 50 години. Резултатот има големо значење и за проверката на Стандардниот модел на физиката на честички, бидејќи директно тестира една од неговите важни теоретски претпоставки.

