Компанијата Meta претстави нов модел на вештачка интелигенција отворен за програмерите, додека Марк Цукерберг предупреди на ризиците доколку напредната вештачка интелигенција остане под контрола на мал број актери.
Компанијата заедно со Muse Glimmer, лесен AI модел кој може да работи на персонален компјутер, објави и „пермисивна“ open-source лиценца. Цукерберг наведе дека Meta на програмерите ќе им овозможи и пристап до помоќниот модел Muse Spark 1.2.
Meta со години се залага за отворен пристап во развојот на AI моделите, но во меѓувреме заостанува зад конкурентите како OpenAI, Anthropic и Google, кои не го прифатија истиот модел на развој.
Во опширен текст објавен на интернет, Цукерберг ја изнесе својата визија за развојот на вештачката интелигенција и објасни зошто смета дека отворениот код е подобар пат кон поправеден развој на оваа технологија.

Тој предупреди и на опасноста од концентрација на моќта. Цукерберг наведе дека, доколку „суперинтелигенцијата“ на AI ја контролира мал број поединци, компании, влади или дури и „самата AI“, тоа природно би довело до исходи кои се понеповолни за сите останати. Тој додаде дека клучно е да се најде рамнотежа која ќе биде во корист на поединците и да се обезбеди напредната AI да биде широко достапна, со цел да им даде поголема моќ на милијарди луѓе.
Без директно да ги именува конкурентите, Цукерберг порача:
„Повеќето други лаборатории се фокусирани на развој на AI за компании, влади или други институции, па доколку тие лаборатории го предводат развојот, рамнотежата на моќта ќе биде во корист на поголемите институции, а не на поединците.“
Цукерберг исто така оцени дека САД и нивните сојузници мора да го забрзаат развојот на енергетските капацитети и инфраструктурата за да останат конкурентни со ривали како Кина.
Според него, властите би требало да го преиспитаат и односот кон „дестилацијата“ – процес во кој послаб модел се обучува со користење на резултатите од помоќен модел. За оваа практика во последните месеци се води дебата во американскиот технолошки и политички простор.


